Црвен крст Охрид се приклучува на кампањата на Обединетите нации и денес го одбележува 1-ви Октомври, Меѓународниот ден на стари лица.
Бројот на луѓе на возраст од 65 години или постари, ширум светот се предвидува да се зголеми повеќе од двојно, зголемувајќи се од 761 милион во 2021 година на 1,6 милијарди во 2050 година. Бројот на луѓе на возраст од 80 години или постари расте уште побрзо. Жените имаат тенденција да живеат подолго од мажите и на тој начин го сочинуваат мнозинството постари лица.
Според податоците на Обединетите нации, Република Северна Македонија ќе доживее брз процес на стареење на населението во следните децении. Најновите податоци од пописот во 2021 година, на Заводот за статистика покажуваат дека 24% од населението во РСМ е над 60 години. Постарата популација претставува речиси една четвртина од населението и овој тренд, дефиниран како стареење на популацијата, наметнува низа здравствени, социјални и економски предизвици, што пак имплицира зголемена потреба, пред се, од здравствени и социјални сервиси.
Црвен крст Охрид е спроведува најразлични услуги за стари лица со цел подостоинствен и квалитетен живот на старите луѓе и дава придонес и активно се вклучува во креирање на политики за старите луѓе во локалната заедница.
Во таа насока, Црвен крст Охрид денес во своите простории со почеток во 14:30 ч. организира тематска средба на која ќе учествуваат претставници на Програмата за грижа за стари лица „НАЈДИ ВРЕМЕ“, која се спроведува в рамки на Црвен крст Охрид, претставници на Локалната самоуправа на Охрид и Дебрца, претставници на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца и претставници на Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа. На средбата ќе се дискутира за иницијативите покренати од страна на Црвен крст Охрид-Програма за грижа за стари лица, за изградба и функционирање на Дом за стари лица и Дневен центар за стари лица на територијата на општините Охрид и Дебрца, како и за други горливи проблеми со кои се соочуваат старите лица во нашата заедница.
Ве покануваме и очекуваме Ваше присуство на оваа тематска средба, на која ќе бидат истакнати и останатите активности кои ги реализира Црвен крст Охрид на овој ден.