Министерството за внатрешни работи предупредува на зачестени фишинг измами со лажни СМС пораки, електронски пораки и веб-страници, преку кои граѓаните се наведуваат да платат наводни сообраќајни прекршоци.
Пораките лажно се претставуваат како известувања од системот „Безбеден град“, а содржат линк преку кој граѓаните се пренасочуваат кон страница за уплата.
Од МВР апелираат да не се отвораат сомнителни линкови и да не се споделуваат броеви на банкарски картички, лозинки и други лични податоци преку неовластени канали. Сомнителните пораки треба да се пријават до надлежните институции или во банката.
Од МВР појаснуваат дека вистинските СМС известувања за сообраќаен прекршок треба да пристигнат од испраќачот „MVR-SC“, да содржат регистарска ознака на возилото и линк што започнува со „https://safecountry.mvr.gov.mk…“.
Секторот за компјутерски криминал продолжува со истраги за откривање и санкционирање на сторителите на овие измами.
