Охрид ќе биде домаќин на уникатен меѓународен спортски настан – „Штафетно нуркање за мир“, во рамки на Фестивалот на водени спортови „Ohrid Water Festival 2026“.
Настанот, што го организира Црвен крст Охрид, ќе се одржи во понеделник, 24 август, од 13 часот на Градскиот базен „Атина Бојаџи“. Учесниците ќе нуркаат на здив на патека долга 25 метри, со можност за користење маска, пераи и други помагала.
Од Охрид, како што велат организаторите, ќе биде испратена порака за мир, почитување и толеранција. Специјален гостин ќе биде 72-годишниот Јане Петков од Сандански, познат како „човекот амфибија“, кој ќе ја помине патеката од 25 метри со една рака врзана за телото.
За учество можат да се пријават психофизички здрави лица, најдоцна до 22 август, во просториите на Црвен крст Охрид, на телефоните 046 261-909 и 070 315-309 или преку електронската адреса ohrid@redcross.org.mk.
