Со мотото „Првата помош спасува животи“, денеска во Охрид започна 52. Општински натпревар по прва помош, во организација на Црвен крст Охрид.
Почетокот на натпреварот го означи градоначалникот Кирил Пецаков, кој истакна дека станува збор за настан од особено значење за младите и нивната подготвеност да помогнат во итни ситуации.
„Со особена чест и задоволство го означив почетокот на натпреварот, каде младите ги покажуваат своите знаења и вештини за укажување прва помош,“ посочи Пецаков.
На натпреварот учествуваат повеќе од 200 ученици од основните и средните училишта од Охрид и Дебрца, кои преку практични вежби и симулации демонстрираат подготвеност за реагирање во различни ситуации.
Оваа година, како што беше нагласено, натпреварот се одржува според европски стандарди, преку реалистични сценарија на повеќе локации низ градот.
Градоначалникот изрази уверување дека Охрид и понатаму ќе остане град кој ја негува хуманоста и солидарноста, потенцирајќи ја важноста на ваквите активности за развојот на младите.



