Народниот театар Охрид, кој работи во рамки на Центарот за култура „Григор Прличев“, одбележува 15 години постоење со богата јубилејна програма и двојна премиера на претставата „Оркестар Титаник“ од авторот Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски.
Во претставата играат актерите Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Верица Недеска, Филип Кипровски и Томе Станковски. Костимографијата и сценографијата се на Сергеј Светозарев, а музиката ја потпишува Димитар Андоновски.
По повод јубилејот, режисерот Цветановски истакнува дека надежта е суштинска човечка категорија, која ги води ликовите низ приказната за луѓе што живеат на напуштена железничка станица и преку своите соништа трагаат по смислата на сопственото постоење.
Свечената програма започнува на 3 јуни 2026 година во 19:00 часот со отворање на изложбата „Историска патека на театарски претстави“, која претставува ретроспектива на досегашната продукција преку костимско-сценски поставки. Изложбата ќе биде достапна за посетителите и во наредните денови.
Претставата „Оркестар Титаник“ ќе биде изведена на 3 јуни, како и на 5 јуни во 20:00 часот, пред охридската публика.
