Нови линии, нови туристи: Охрид добива засилена авиоповрзаност

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ добива нови авиолинии со стартот на летниот распоред, кој започнува од 29 март, со што значително се проширува поврзаноста на градот со европските дестинации.

Најновата линија е Охрид – Милано, која стартува на 29 март, а во текот на наредниот период ќе бидат воведени уште неколку нови дестинации. Од 17 мај започнуваат летови до Виена, додека во јуни ќе се воспостават авиолинии и до Вроцлав и Катовице.

Со тоа, охридскиот аеродром во летниот период добива четири нови дестинации, а дополнително, од 17 март веќе функционира и линијата до Братислава.

Паралелно, со летниот ред на летање се проширува и мрежата на скопскиот аеродром. Од 30 март започнуваат летови од Скопје до Неапол, додека повторно се враќа и линијата до Будимпешта. Во текот на летото ќе бидат воведени и нови дестинации како Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун.

Од ТАВ Македонија информираат дека новите авиолинии се дел од пошироко проширување на мрежата, со кое се очекува зголемување на туристичкиот прилив и подобра поврзаност на земјата.

„Сите нови авиолинии претставуваат значаен чекор напред кон проширување на мрежата на дестинации и ќе придонесат за развој на дојдовниот туризам“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

Во рамки на летниот распоред, од охридскиот аеродром ќе оперираат 8 авиокомпании до 17 дестинации, додека од Меѓународниот аеродром Скопје ќе се лета до 78 дестинации, вклучувајќи редовни, сезонски и чартер-летови.

Според официјалните податоци, двата македонски аеродроми во првите два месеци од 2026 година опслужиле 539.474 патници, што претставува раст од 31%, додека бројот на летови е зголемен за 14%.

Со новите авиолинии, Охрид дополнително се позиционира како атрактивна туристичка дестинација, особено во пресрет на летната сезона.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани