Од денес, 17 март, граѓаните имаат можност директно да летаат од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид до Братислава, со што се отвора уште една важна воздушна врска за градот и регионот.
Дополнително, најавено е дека од крајот на месецот ќе биде воведена уште една нова линија – директен лет од Охрид до Милано, што претставува значајно проширување на авиопонудата, информира министерот за транспорт Александар Николоски.
Новите авиолинии се очекува да донесат повеќе туристи во Охрид, но и да создадат нови можности за економски развој, особено во туристичкиот и услужниот сектор.
Од надлежните потенцираат дека развојот на авиосообраќајот е меѓу приоритетите, при што преку конкретни мерки и политики се работи на проширување на мрежата на дестинации и подобрување на поврзаноста на земјата со европските центри.
Со ваквите чекори, Охрид дополнително се позиционира како атрактивна туристичка дестинација, а граѓаните добиваат полесен и побрз пристап до повеќе европски градови.
