Охрид доби прв Центар за дебелина – сериозен чекор против растечкиот здравствен проблем

Во Општата болница Охрид официјално започна со работа првиот Центар за менаџирање на дебелината во Југозападниот регион, со што се прави значаен исчекор во справувањето со еден од најсериозните здравствени предизвици на денешницата.

Дебелината сè почесто се карактеризира како глобална пандемија, а бројот на луѓе кои се соочуваат со овој проблем постојано расте. Таа не претставува само естетски, туку пред сè здравствен проблем, поврзан со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, проблеми со зглобовите и нарушено психичко здравје.

„Дебелината денес е едно од најактуелните заболувања во современиот свет, синдром кој ги засега повеќето органски системи. Ова е прв центар кој со помош на ендокринолозите од Интерното одделение се реализира и е наменет за пациентите од целиот Југозападен регион. Интерес веќе има, што е уште еден доказ дека овој проблем не е само состојба, туку пандемија која ги зафаќа нашите сограѓани“, изјави д-р Горан Маркоски, директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.

Пристапот во центарот ќе биде сеопфатен и индивидуализиран, со цел пациентите да добијат целосна проценка и соодветен третман.

„Тоа е комплексен проблем кој опфаќа менаџирање на повеќе состојби. Зголемената телесна тежина сама по себе повлекува ризици од кардиоваскуларни заболувања, проблеми со локомоторниот систем, оптоварување на зглобовите, но и психолошки последици. Затоа е потребен комплексен пристап во третманот. На почетокот располагаме со апарат кој овозможува одредување на телесната композиција – масти, мускулна маса и вода, што претставува основа за понатамошно следење на пациентот и насочување со дополнителни параметри како прегледи и мерење на притисок“, изјави д-р Даниела Мисоска Пендова.

Од болницата информираат дека интересот кај граѓаните е веќе значителен, а покрај советување и следење, ќе биде достапна и терапија за намалување на телесната тежина, како и психолошко советување.

„Веќе има интерес, доаѓаат пациенти и се информираат за терапијата. Обезбедена е и терапија за намалување на телесната тежина која се применува кај пациентите“, посочи д-р Лилјана Ангелеска.

Со отворањето на овој центар, здравствениот систем во регионот добива важна алатка во борбата против дебелината, која сè повеќе се наметнува како општествен и здравствен проблем што бара системско решение.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани