Осум млади Македонци од дијаспората, кои учествуваат на 10. Школа „Родум од Македонија“, беа гости во Општина Охрид, каде се запознаа со работата на локалната самоуправа и нејзиното функционирање.
Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, посакувајќи им добредојде, истакна дека младите кои доаѓаат од странство не се гости, туку се враќаат во својот дом. Тој нагласи дека Охрид во наредните три недели ќе биде место каде што младите ќе имаат можност повторно да ја почувствуваат поврзаноста со своите корени и со Македонија.
Учесниците, кои доаѓаат од Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и Германија, преку програмата организирана од Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), ќе се запознаат со работата на институциите, ќе стекнат практични искуства и ќе разменат знаења со своите врсници.
Целта на програмата е младите Македонци родени и израснати надвор од земјата да ја зајакнат врската со своето културно наследство, да создадат нови пријателства и да изградат трајни врски со Македонија.
