Полициска контрола на влезот во Охрид заврши со смртен исход. Едно лице почина откако, , за време на интервенција на полицијата проголтал опаковка со дрога, за која се претпоставува дека содржела кокаин.
Инцидентот се случи синоќа на булеварот „Туристичка“, кога полициски службеници се обиделе да запрат патнички автомобил „Ренџ Ровер“ со чешки регистарски ознаки. Возачот не застанал, се обидел да избега, а 44-годишниот сопатник проголтал опаковка со дрога. Набргу потоа му се влошила здравствената состојба и починал.
„На 08.07.2026 година во 22.30 часот на булеварот „Туристичка“ во Охрид, лишен од слобода е И.М.(32) од Охрид. Тој, управувајќи патнички автомобил „Ренџ Ровер“ со чешки национални ознаки, не го сопрел возилото по даден знак од полициската патрола туку избегал и по дополнително преземени активности, бил застанат. Притоа, полициските службеници во возилото го забележале С.П.(44) од Охрид кој веднаш проголтал опаковка со наркотична материја,стои во соопштението на СВР Охрид.
Лекарите велат дека внесување поголема количина кокаин може да предизвика сериозно труење, тахикардија и миокарден инфаркт.
-„Кога ќе се земе во поголема количина и се комбинира со алкохол се јавуваат несаканите ефекти врз физичкото здравје. Доведува до особено нарушување на срцевиот ритам, тахикардија се до развој на миокарден инфаркт. Тоа е и една од најчестите причини за зголемена смртност поради предозираност“, вели д-р Соња Стурлакова Димоска специјалист интернист.
Од Општата болница велат лицето било донесено без знаци на живот неуспешни биле обидите за реанимација,. По наредба на јавен обвинител ќе биде извршена обдукција во Општата болница во Битола, која треба да ги утврди точните причини за смртта.
Новинар Соња Рилковска
