Охрид во топ три најзадолжени општини во државата

Охрид во топ три најзадолжени општини во државата. 

Три општини се во топ 10 субјекти со највисоки износи на долгови. Конкретно, општина Тетово со вкупни доспеани а неплатени обврски во износ од 13,5 милиони евра се искачи на високото трето место, општина Охрид со долг од 8,5 милиони евра е на петто место, а општина Гостивар со долг од 5,9 милиони евра е на десетто место на новата севкупна должничка листа.

Меѓу општините со повисок износ на долгови се и општина Струга со долг од 3,4 милиони евра. Останатите општини имаат долгови пониски од 1,5 милиони евра.

Со поголеми износи на долг се и следните државни акционерски друштва и јавни претпријатија: АД “Водостопанство“ Скопје со долг од 5,5 милиони евра, ЈКП Тетово со 4,9 милиони евра, ЈП Водовод Охрид со 4,8 милиони евра. 

 

За задолженоста на општината зборуваше градоначалникот Кирил Пецаков  при отчетот за сработеното во изминатите 100 дена. 

-„Со преземањето на локалната самоуправа, направивме увид во финансиската состојба на локалната самоуправа и јавните претпријатија. Состојбата ја покажува лавиринтската децениска задолженост на општината и јавните претпријатија, што укажува на немање волја или незнаење за надминување на ваквата состојба. Согласно извештајот на стручните служби за констатирани обврски кои Општината ги има кон доверителите, вкупниот долг изнесува во евра околу 14 милиони евра. Доста интересно е тоа што после финансиската помош за раздолжување на општината од Владата на Република Македонија, во 2019 година долгот изнесувал нешто повеќе од 8 и пол милиони евра. И финансиската состојба во општинските јавни претпријатија е слична како и во Локалната самоуправа. Јавното претпријатие „Водовод“ има вкупен долг од околу 5 милиони евра, од кои приближно 4 милиони евра е долг кон ЈП „Колектор“ од делбениот процес, а од основањето на новото претпријатие, генериран долг од самото ЈП е 1 милион евра. Она што можеби најмногу загрижува и ја покажува сета несериозност на минатата структура на локалната власт, е новиот долг на ЈП “Водовод“ од 1 милион евра во период од нецели две години од формирањето на претпријатието. Јавното претпријатие „Билјанини извори“ има долг од околу од 1 милион и 200 илјади евра, „Охридски комуналец“ има долг од околу 1 милион евра, „Нискоградба“ има долг од нешто повеќе од 750 илјади евра, „Градски пазар“ има долг од приближно 40 илјади евра, „Градски гробишта“ има долг од 16 илјади евра. Вкупно сите претпријатија должат нешто повеќе од 8 милиони евра. Кумулативно долгот на општинските јавни претпријатија плус долгот на Општина Охрид изнесува околу 22 милиони евра“, рече Пецаков. 

Долговите на јавните здравствени установи на крајот од минатата година достигнаа 67,8 милиони евра – доспеани а неплатени обврски по различни основи пријавиле болници, клиники, институти. На должничката листа се голем број на општи болници речиси од сите градови. Општа болница-Охрид има долг од 3,2 милиони евра. 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани