„Охрид знае љубов што е“ – концерт посветен на музиката на Копров и хуманост за малата Ева

Охридската публика уживаше во незаборавна музичка вечер на концертот „Охрид знае љубов што е“, посветен на еден од најзначајните македонски автори – Григор Копров. Настанот уште еднаш ја потврди посветеноста на градот кон негувањето на македонската музика и оддавањето почит на уметниците кои оставиле длабока трага.

Копров, автор на повеќе од 500 композиции, преку оваа концертна вечер беше чествуван со изведби на неговите најголеми хитови. Публиката имаше можност да ужива во безвременските песни како „Усни на усни“, „Во коси да ти спијам“, „Излажи ме“, „Немир“, „Сребрени улици“, „Лидуду“, „Остани во мене“, „Не зори зоро“, „Црно тиквешко“ и „Чаирска романтика“.

На сцената настапија проф. Љупчо Аслимоски, Андреј Нически, Јане Тодороски, Мартин Мацкоски, како и вокалните солисти Исабела Димовска, Анастасија Таневска, Фросина и Деспина Белистојаноски и Димитар Веслиевски, кои со своите интерпретации донесоа силни емоции и вистинска музичка магија.

За својот извонреден придонес во македонската музичка култура, на Григор Копров му беше врачена плакета од претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.

Настанот имаше и силна хуманитарна димензија. Во Центарот за култура беа поставени кутии за донации, а собраните средства се наменети за лекување на малата Ева.

„Охрид знае љубов што е“ не е само концерт, туку платформа која ќе продолжи да ги слави и афирмира големите музички имиња од Охрид и Македонија.

Проектот е целосно финансиран од Општина Охрид.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани