Охриѓани бараат објекти за домување на имотите во Студенчишкото блато

Студенчишкото Блато во Охрид ќе биде прогласено за заштитено подрачје од IV категорија – Парк на природа заради геолошките и биолошки вредности, пред се присуство на живеалишта и видови од национално и европско значење, беше кажано на денешната јавна расправа по Нацрт Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање а во соработка со Општинa Охрид.

 

Преставниците од Министерството за животна средина потенцираа дека со донесување на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата ќе се овозможи зачувување на природната состојба на локалитетот Студенчишко Блато преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита за зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност како и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.

Нема достапен опис

Вкупната површина на локалитетот Студенчишко Блато кој ќе биде ставен под заштита изнесува 60,23 хектари. Предвидени се три зони, зона за строга заштита, зона за активно управување и зона за одржливо користење.

Во зоната за строга заштита која зафаќа површина од 5.33 хектари или 8.85% од вкупната површина ќе биде забрането спроведување на активности со кои се загрозува изворноста на природата и нарушува природната рамнотежа. Дозволени ќе бидат само научно-истражувачки активности по претходно добиена дозвола од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата во соработка со Општина Охрид а согласно Законот за заштита на природата.

Општина Охрид која ќе управува со Паркот на природата Студенчишко Блато е должна да обезбеди постојан мониторинг. Ќе се формираат и консултативни општински тела, Совет на засегнати страни и Научен Совет, а ќе има и чуварска служба.

Блатото е во загрозена состојба, кажаа присутните, заради присуство на депонија, прекината комуникација со езерото, палење и уништување на блатната вегетација и формирање на обработливи површини. Поради ваквата негрижа исчезнати биле голем број видови прици и риби.

Според нив одржувањето на еко-системот на Охридското Езеро ќе значи и препорака за добра туристичка дестинација, која ќе привлекува зголемен број на туристи.

Правилно раководен развој на туризмот во регионот на Охридското Езеро, а кој ќе се потпира на природните вредности на самото Охридско езеро, може да придонесе кон зголемен економски развој не само локално, туку и регионално и национално.

Сопствениците на имотите го поддржаа законот но побараа валоризација на имотите, усогласување на заедничките интереси, зачувување на вредноста на нивните имоти како и овозможување оддржливо користење и активности кои овозможуваат економски просперитет на сопствениците. Според нив треба да им се дозволи изградба на објекти за домување оти имотите им биле во зоната на оддржливо управување но согласно Планот за управување со охридскиот регион.

Нема достапен опис

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков кажа има многу нејаснотии помеѓу ставовите на сопствениците на земјиштето од една страна и оние кои го предлагаат законското решение од друга страна.

„Факт е дека Студенчишкото Блато мора да ја добие онаа форма на заштита што ја заслужува не само поради препораките на УНЕСКО туку затоа што има одреден редок растителен жив свет во блатото кое мора да го чуваме. Токму затоа е и зонирањето на прва, втора и трета зона. Јас и понатаму ќе стојам на располагање за комуникација меѓу двете засегнати страни. Затоа што само со комуникација и добро објаснување на работите може да се дојде до квалитетни решенија“ рече Пецаков.

Додека трае постапката за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата Парк на природата локалитетот е привремено заштитен согласно Законот за заштита на природата. Во меѓувреме Студенчишко Блато е прогласено за водно живалиште од меѓународна важност според Рамсарската Конвенција.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани