До редакцијата на OhridNet.com пристигна отворено писмо од претседателот на синдикатот и одговорен за заштита во НП „Галичица“, Ѓуро Јовчески, во кое се изнесуваат серија обвинувања и прашања упатени до директорката на установата.
Редакцијата го објавува писмото интегрално, без редакциски интервенции, со цел информирање на јавноста. За изнесените ставови и тврдења одговорноста ја сноси исклучиво авторот.
Содржината ви ја пренесуваме во целост:
Госпоѓо директорке,
Како актуелен директор на јавната установа НП „Галичица“, должни сте пред јавноста да одговорите на моите синдикални прашања, бидејќи јавноста заслужува да ја знае вистината за состојбите и управувањето со паркот, кој е од општ интерес на државата, граѓаните и посетителите.
БР. 1 ПРАШАЊЕ:
Бидејќи скоро три месеци вршите невиден терор врз мене, одговорете по кој повод, спротивно на Законот за работни односи, ми ги одзедовте експресно сите работни задачи, ресурси, како и клучевите од канцелариите и друго, оневозможувајќи ми да ги извршувам моите работни задачи согласно договорот за работа, притоа кршејќи го Уставот на РСМ и правото на вработување.
БР. 2 ПРАШАЊЕ:
Поради кои причини, покрај горенаведеното, се дрзнавте да ми монтирате лажни, неосновани пријави со тешки клевети во портали со потпис од установата, сè со цел да ми наштетите на мојот углед и репутација, при што скоро три месеци ми забранувате да одам на терен и да ја организирам заштитата.
БР. 3 ПРАШАЊЕ:
Поради кои причини ме малтретиравте дури и во болнички кревет, каде бев хоспитализиран поради вашите неосновани и нечовечки постапки.
БР. 4 ПРАШАЊЕ:
Поради кои причини три месеци ме држите затворен како затвореник во „кафез“ во управата на паркот, без никакви задолженија, под постојан видео надзор кој го следите во живо, вршејќи класичен мобинг.
БР. 5 ПРАШАЊЕ:
Поради кои причини покренувавте неколку пати неуспешни и неосновани дисциплински постапки, осудувајќи ме предвреме без презумпција на невиност, сè со цел на кој било начин да ми наштетите и да предизвикате отказ од работа.
Пред целата јавност сакам да кажете колку опомени добивте од инспекциските служби за грубо кршење и повреда на правата од работен однос. Го кршите и Уставот со ускратување на правото на работен однос, ги прекршивте грубо и Законот за работни односи и Колективниот договор на установата, ми вршите класичен мобинг и можеби трајно ми го нарушивте здравјето.
Дали сте свесни дека со вашето самоволие во овие три месеци, барајќи по секоја цена да ме казните, не успевате во тоа, туку напротив – тонете сè подлабоко во жив песок? За сето ова ќе добиете таква тужба што нема да знаете колку сте го прекршиле законот – ви го ветувам тоа пред целата јавност.
Сето ова е реваншизам од ваша страна за моите јавни настапи, каде барав да повикате Државниот завод за ревизија за да се испита работењето на установата, како и за моите барања за работнички права.
БР. 6 ПРАШАЊЕ:
Под кои околности доделивте околу 19 смарт-часовници, и тоа од два вида – поскапи и поевтини? Часовниците ги поделивте од поените на операторот А1, кој на крајот на годината доделува одредени поени. Наместо, како што баравме, да земете мобилни телефони за 15 редовно вработени, кои би биле неопходни за нив, вие селективно доделивте смарт-часовници по ваш избор, како подароци и на неколку сезонски работници кои немаат редовен работен однос и не ги следуваат поени. Секако, за мене не доделивте, бидејќи не сум „заслужувал“. За ова самоволие ќе следува и пријава.
БР. 7 ПРАШАЊЕ:
Заради кои причини и цели во овие три месеци ја направивте чуварската служба како да е јавна администрација? Одговорно тврдам дека издадовте наредба службата за заштита во овој период да работи само една смена до 15 часот, и тоа само од понеделник до петок. Во овие три месеци не е направена контрола на терен попладне, ниту ноќна контрола за бесправни дејствија, ниту пак контроли за време на викенди и празници. Дополнително, не е вршена контрола по граничниот појас долг околу 30 километри со соседна Република Албанија, ниту има заеднички патроли со Шумската полиција, Граничната полиција и други служби.
Заради кои цели и интереси го доведовте паркот и чуварската служба до оваа состојба, која се градела со години?
Должни сте пред јавноста да одговорите на овие прашања, бидејќи јавноста заслужува да ја знае вистината. Паркот е национално богатство и е од општ интерес на државата, граѓаните и посетителите и не заслужува ваков третман.
Во очекување на вашите одговори, им оставаме на институциите да ги завршат постапките за кои имаат одредени сознанија и докази.
Во интерес на објективно информирање, стоиме на располагање да пренесеме и став и одговор од директорката на НП „Галичица“.
