Пациентите на дијализа се соочуваат со недостиг на терапија

Три пати неделно, по четири часа,  животот им  зависи од апаратите за дијализа. Но за пациентите со хронично бубрежно заболување борбата не завршува кога ќе заврши третманот. Со месеци дополнителен страв и неизвесност им создава недостигот на еритропоетинска терапија — лек без кој, велат, не можат нормално да функционираат.

Станува збор за стотина  пациенти во Специјализираната болница за нефрологија во Струга, кои  алармираат дека терапијата ја нема во доволни количини па се дели селективно.

„Така нè селектираат според крвната слика. Ако некому му е многу паднат хемоглобинот, нему му даваат. А ние што треба да го одржуваме хемоглобинот во нормала Јас лично треба да примам 4000 на секоја дијализа, а моментално ми даваат само 2000.“, вели Бранкица Размоска пацинетка на хемодијализа.

Еритропоетинот е клучен за создавање црвени крвни зрнца и спречување на тешка анемија. Недостигот на терапијата може сериозно да ја влоши здравствената состојба на пациентите, кои бараат итно решение од надлежните институции.

„Јас не излегувам за да барам кривец, туку излегувам да апелирам во име на пациентите на дијализа до сите надлежни институции да кажат која е причината зошто лекот го нема и да се најде соодветно решение.“, додава Размоска.

Пациентите велат дека не бараат привилегии, туку основни услови за лекување и достоинствен живот.

Директорот Јетмир Зиба вели дека недостигот на лекот е поширок проблем, не само во нивната болница. Иако тендерот бил навреме завршен, добавувачот сè уште не испорачал доволни количини, за што навреме биле известени Фонд за здравствено осигурување  и Министерство за здравство.

Новинар Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани