Паѓаат делови од чардакот на најстарата куќа во Струга

Се распаѓа чардакот и паѓаат делови од најстарата куќа во струшката чаршија. Пет години дел од сопствениците залудно бараат заштита и дозвола да интервенираат на објектот кој претставува сериозна опасност за минувачите.

Изградена пред 150 години, со автентични чардаци, сведок на старата градска архитектура, куќата е пропознатлив топоним на градот Струга, но никој не презема мерки за заштита на вредното културно наследство. Поради нарушени имотно правни односи дел од сопствениците немаат пристап и не смеат да преземат градежни зафати.
Судот донесе одлука за итни санациони мерки за превенција од штета, но општината шест месеци не издава одобрение.

-„Еве веќе шест месеци се поминати, јас на неколку пати и усно побарав поактивно решавање на предметот по барањето за издавање на реконструкција со оглед на состојбата на објектот и потенцијалната опасност да пичини штета, но до денес немам добиено никаков одговор од страна на општина Струга по однос на ваквото мое барање“ , вели Глигор Ќато еден од сопствениците на куќата.

Чардакот надвиснува, секој миг демне опасност куќата да се сруши и да ги повреди минувачите, сопствениците сами ставиле импровизирани ленти за заштита среде чаршија.

– „Јас бев оставен сам да се снаоѓам сношти и единствено што можев да направам е со лента за опасност да го обезбедам местото за да не минуваат минувачи иако јас и моето семејство мора да поминеме таму, тоа ни е единствениот влез и излез на објектот во кој што домуваме. Практично сум оставен сам на себе да го решавам овој проблем а сето тоа се само на моја штета туку и на сите минувачи кои секојдневно минуваат таму“ , вели Ќато.

Согласно законот Општината е должна да интервенира на објектите кои се во распаѓање и претставуваат опасност за граѓаните или да ги задолжи сопствениците да ги санираат, или да го направи тоа на нивни товар.

Новинар Соња Рилковска

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани