Охрид – На Факултетот за туризам и угостителство во Охрид денеска беше реализиран настанот „Парламентарен караван“, во организација на Собранието на Република Северна Македонија.
Настанот овозможи директна средба и отворена дискусија меѓу студентите и дел од пратениците, при што се отворија прашања поврзани со функционирањето на институциите и улогата на младите во општеството.
„Студентите имаа можност за директна средба, дружење и отворена дискусија со дел од пратениците, при што се отворија значајни прашања поврзани со функционирањето на институциите и значењето на младинското учество во општествените процеси“, информираат од факултетот.
Активностите се одвиваа во интерактивна атмосфера, со модерирана дискусија и активно учество на студентите, што овозможи размена на мислења и искуства.
„Посебен акцент беше ставен на потребата од поголема информираност и вклученост на младите во демократските процеси“, се додава во објавата.
Од Факултетот упатија благодарност до претставниците на Собранието за присуството и отвореноста за дијалог, како и до студентите за нивниот придонес кон, како што велат, динамичен и содржаен настан.




