Партиска препирка за бегалските кампови

Обидите на ВМРО-ДПМНЕ да наметнува бесмислени теми во пресрет на локалните избори не смееме да дозволиме да создаваат страв помеѓу граѓаните, истакнаа на денешната прес конференција на СДСМ Охрид.

 Тоа им е единствено што им преостанува, бидејќи и самите се преплашени што правдата конечно ги стигнува. Креирање на лажни вести и сеење на страв помеѓу населението, се нивниот карактеристичен метод на владеење, кој имавме можност повеќе од една деценија да го гледаме и искусиме на сопствената кожа.
ДПМНЕ граѓаните најпрво ги заплашуваше со албански платформи, двојазичност и слични небулози. Сега се обидуваат тоа да го прават со некакво населување на бегалци од Блискиот Исток во Република Македонија. Одат дотаму што тврдат дека Министерството за труд и социјална политика ќе градело станови за бегалците. Да не беше смешно, ќе беше трагично. Како и многупати досега, така и сега, ВМРО-ДПМНЕ ГИ ЛАЖЕ сопствените граѓани.
Во моментов, на територијата на нашата држава ниту поминуваат бегалци, и најодговорно тврдиме, ниту некој ќе гради станови за сместување на бегалци. Станови ќе има за македонските граѓани кои се социјални случаи, а не за некакви измислени бегалци. Граѓаните се свесни дека овие смешни приказни доаѓаат од центарот за манипулации на ДПМНЕ. Граѓаните знаат и со свои очи гледаа како пред околу година дена, повеќе од милион бегалци доаѓаа преку Грција и ги ризикуваа животите само што побрзо да ја напуштат територијата на Македонија. Нашата држава беше само транзитна, попатна станица на нивниот пат кон Западна Европа.
Апсурдна е предлог одлуката за распишување на референдум за стратегијата за бегалци, која локалната власт на ДПМНЕ и Бакрачески ја наметнаа на седницата на Совет закажана за понеделник. Правото на граѓаните за организирање на референдум е неприкосновено, меѓутоа истото треба да се користи за прашања кои се клучни за граѓаните, а не за спас на Никола Груевски. Всушност ова е идентична стратегија како онаа која во 2009та ја гласаше владата на Груевски, меѓутоа тогаш ДПМНЕ беше на власт и немаше потреба да го заплашува населението со вакви измислени теми. Дури и да се одржат локалните референдуми, СДСМ ќе ги повика граѓаните да гласаат против наводните станови за нивно сместување, бидејќи тие се измислица на ДПМНЕ и такво нешто нема да се случи.

Ве уверуваме дека ќе помине и оваа лага. Граѓаните знаат, граѓаните препознаваат кој ја говори вистината. Токму граѓаните се тие кои изгласаа победа на вистината над режимот на ДПМНЕ, и токму граѓаните се тие кои на 15ти октомври ќе гласаат за живот во Охрид, за живот во секоја општина на Република Македонија.

На ова експресно возвратија од ВМРО ДПМНЕ:

Очигледно СДС Охрид си ја има мувата на капата па со денешната пре-конференција пониско од очекуваното сака да се оправда пред граѓаните. Најдобри сте во извртување на работите во своја корист, но треба да сфатите дека охриѓани се помудри отколку што мислите. Тие ја имаат во раце Стратегијата која го најавува вашето црно и болно сценарио.
Ние, како партија ВМРО-ДПМНЕ ја поддржуваме иницијативата за референдум и никогаш не сме биле против бегалците, напротив ние сочувствуваме со нивната трагедија, но цврсто стоиме на ставот и порачуваме дека нема да дозволиме никој да носи одлуки без да го чуе гласот на народот. Најмалку да си игра со нашата судбина и судбината на нашите деца. Охрид е народот и народот е Охрид!
Престанете да ширите небулози дека грижа Ви се граѓаните, кога повеќе од јасно е дека приоритет се мигрантите бидејќи со Стратегијата се предвидува изградба на нови населби со цел трајно вдомување на бегалците во Охрид и Македонија добивајќи месечни исплати, нивно бесплатно образование, вработување и право за државјанство, како и вработување во државните институции и во јавниот сектор.
Вашите маски се разоткриени.
Ве повикуваме како советници од СДС да гласате против населувањето мигранти а не да бидете воздржани или да не гласате, со тоа ќе ја докажете грижата а не штетата за охриѓани криејќи се дека некои прашања повторно не заслужуваат одговор.
Зошто ви сметаа Македонците од Пустец, Р. Албанија и дали со вдомувањето на мигрантите сакате да го повторите сценариото од деведесеттите години кога дадовте 150 000 државјанства на бегалците од Косово, а кои подоцна ги искористивте во изборниот процес со кој добивте нелегално престедател?
Почитувани,
Лагите на СДС излегоа на површина и охриѓани ги гледаат, тврдевте дека нема да има двојазичност и втор службен јазик на територијата на Република Македонија на дело се спроведува веќе двојазичноста. Охрид ќе стане двојазичен град.
Тврдевте дека нема да се потпише штетниот договор со соседната земја Република Бугарија, се потпишаа тој договор што е на штета на Република Македонија.
Стратегијата ја донесе Владата на СДС, комплетно нова стратегија со која се бара од Охрид можност за иградба на станбени единици. Тотално е неточно дека истото го прифатила и Владата на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи само од општина Сарај побара разгледување на можност за згриживање лица кои потекнуваат од косовскиот конфликт од 90-тите, а не за мигранти од Сирија, и конечно најголемиот факт е дека не изгради ниту еден објект за населување на мигранти.
Зарем ова го заслужува Охрид и Република Македонија? Зарем охриѓани заслужуваат со страв да минуваат низ улиците?
Нашата земја отсекогаш била слободна земја, пример за мултиетнички соживот, но тензијата која се создава низ годините е резултат на вашата омраза кон сопствената земја. Повеќе и од јасно е дека вие не сакате да постои Република Македонија. Сакате да исчезне од картата, сакате да ја продадете на лесен начин, со помош на ,,чадорите‘’, па затоа смислувате периодични приказни за кои и мало дете знае дека се невистини.
Залудни Ви се сите обиди затоа најпаметно е да се потрудите да одговорите на прашањето:
Дали интеграцијата на мигранти која се носи во 2017 всушност значи прекин на кризната состојба на крај од 2017 и повлекување на македонската Армија од граница со што по Нова година на мала врата се отвора Коридорот за транзит на мигранти?
Постои суштинска разлика меѓу СДС и ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е дека ние ја сакаме сопствената земја и секој милиметар од неа, а Вие ја користите секоја секунда за да и’ наштетите, но тоа нема да го дозволиме.
Затоа на 15 октомври охриѓани ќе го поддржат референдумот и уште во првиот круг ќе изберат градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ!

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани