Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорката на Германија во земјава, Петра Дрекслер.
Како што информираше Пецаков, на средбата се разговарало за досегашната успешна соработка меѓу двете страни, како и за можностите за нејзино понатамошно унапредување. Посебен акцент бил ставен на значајните инфраструктурни и капитални проекти што во моментов ги реализира Општина Охрид.
Градоначалникот ја информирал амбасадорката и за функционирањето на општинските јавни претпријатија, како и за активностите во областа на локалниот економски развој.
Во рамки на разговорот било истакнато и значењето на германските компании за економскиот развој на регионот. Притоа, како позитивен пример била посочена Костал Македонија, која денеска одбележува десет години успешно работење во Охрид.
Од Општина Охрид оценуваат дека ваквите средби придонесуваат за продлабочување на соработката и отворање нови можности за поддршка на локалниот развој и инвестициите во градот.


