Полските туристи го видоа „Св.Наум“

Воодушевувени се полските туристи од убавините на туристичкиот комплекс „Св.Наум“.

Полските туристи што вчера пристигнаа со првиот чартер лет од Катовице во Охрид, денеска беа во посета на туристичкиот комплекс „Св.Наум“. Тие не го криеја нивното воодушевување и задоволство од природните убавини на ова место, според нив-рај на Земјата.Насмевките беа на нивните лица а фотографии со мобилни и убави фотоапарати се правеа речиси на секој чекор од „Св.Наум“. Разбирливо, полските туристи го посетија и манастирот и слушнаа за вековната историја на ова свето место, за Свети Наум Охридски Чудотворец – средновековниот словенски научник, писател, учител, и еден од основоположниците на словенската писменост и македонската писменост и просвета. Кажаа дека импресивен е погледот од манастирскиот комплекс кон езерската шир и дека овој прв ден од нивниот престој во Охрид ги надминал очекувањата за убавините на градот и околината. Туристите ја посетија и црквата во комплексот посветена на „Св.Петка“. Полските туристи денеска ќе се капат и денот ќе го поминат во рајското место „Св.Наум“. На свечениот дочек, вчера на охридскиот аеродром, тие кажаа дека магија бил нивниот прв впечаток од погледот на Охрид од воздух и дека очекуваат фантазија во Охрид и одмор од соништата.
Инаку, во организација на великанот меѓу полските тур-оператор „Рего-бис“ и нашата реномирана туристичка агенција „Фибула ер травел“, вчера на аеродромот „Св „Апостол Павле“ пристигна првата група од 220 туристи од Полска. Според договорот за соработка, преку 5.000 полски туристи ќе ја посетат Македонија оваа сезона. Повеќе од 3.000 од туристите ќе пристигнат со 14-те летови со Ербас 321 – а со секој лет 220 патници ќе слетуваат во Охрид. Другите туристи ќе пристигнуваат со комфорни автобуси на секои десет дена.Овој лет во текот на летната сезона ќе се реализира еднаш неделно што ќе придонесе за зголемување на бројот на полски туристи на охридската ривиера кои ги има се повеќе во изминатите неколку години.
-Mакедонија се уште е неоткриена дестинација за полските туристи. Се надевам дека со ваша поддршка добро ќе ја завршиме работата и догодина ќе допатуваат повеќе туристи од Полска.Ова не е само можност да им се излезе во пресрет на полските туристи за да можат да патуваат, туку ова е исто така можност да им помогнеме да ја истражат македонската култура и историја, изјави Габриела Манка-Сокулу, сопственик на Рего-Бис.

Домашната агенција „Фибула“ која е партнер на „Рего-бис“, за полските туристи подготви атрактивен туристички пакет во кој е застапена посета на многу значајни културно-историски места и на природните убавини во регионот и пошироко, вели Асим Меѓедовиќ директорот на туристичката агенција „Фибула ер травел“.Искажа надеж дека ова е само почеток на една успешна соработка помеѓу Македонија и Полска во областа на туризмот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани