После еден век Спасе и Спаса Вишенски ќе се впишат во Диптихот на светиите

Синодот на МПЦ – Охридска Архиепископија ги вброи во редот на светиите Спасе и Спаса Вишенски, со што конечено се заврши еден процес што трае веќе еден век, а кој го започнаа самите верни луѓе. Свечениот чин на канонизација ќе се случи на 8-ми и 9-ти јуни во струшкото село Вишни и во храмот „Света Софија“ во Охрид.

Светиот архијерејски синод на Македонската Правсолавна Црква — Охридска Архиепископија, исповедниците и праведни Спасе и Cпaса Вишенски ги вброи во редот на светиите. На 8-ми и 9-ти јуни во струшкото село Вишни и во Охрид ќе се случи свечениот чин на канонизација, односно ќе се круниса или заврши еден процес што е започнат пред речиси еден век, со откривањето на моштите на света Спаса.

-На 8-ми и 9-ти јуни ќе се круниса или заврши еден процес што е започнат пред речиси еден век, со откривањето на моштите на света Спаса. Нашите светители несомнено биле и претходно почитувани, но со наоѓањето на моштите тие почнале да се празнуваат богослужбено и црковно, особено света Спаса, чие пак житие не можеме да го раскажеме без свети Спасе. Во сабота на 8-ми јуни во храмот на свети Атанасиј во Вишни ќе отслужиме Вечерна богослужба на која ќе претстои епископот Антаниски г. Партениј во сослужение со свештеници од Струшкото намесништво, по што моштите на света Спаса ќе бидат измиени и префрлени во нов кивот (кутија) и пренесени во храмот „Света Софија“ во Охрид. Таму, исто така после Вечерната богослужба која ќе започне претходно, моштите ќе ги пречека нашиот надлежен арихиереј Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј, кој ќе ги внесе во храмот и ќе отслужи последен парастос за двајцата праведни, според востановената практика на Црквата. Следниот ден, на Литургијата со која ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со сите архиереи на нашата помесна Црква, како пто веќе спомнав, ќе биде објавена одлуката за впишувањето во списокот на светиите, на праведните Спасе Вевчански и Спаса Вишенска, по што Архиепископот ќе ја благослови нивната икона и со истата ќе го благослови сиот верен народ. Морам да спомнам дека за наша голема радост, на овој настан се поканети и архиереи од други помесни Православни Цркви.
Сето ова значи дека црквата во Македонија е жива, дека нашите мајки сè уште раѓаат светители, дека Христовто Евангелие длабоко е закоренето помеѓу нашиот народ и ништо не може да го искорене. Житијата на светителите не се некои приказни од минатото, туку вистинити животни истории на нашите предци. А ние како нивни наследници имаме удел во нив, но единствено преку животот во Црквата и преку нејзините свештенотаинства. Нашата вера Православна е најубава вера, затоа што не е вера на убедувња, туку вера на слобода и лично искуство. Во моментите кога свети апостол Филип го повикувал Вартоломеј во апостолство, и го канел да стане Христов ученик, вториот се посомневал дека може Спасителот да дојде од Назарет, но апостолот Филип не го убедувал во спротивното, туку едноставно му рекол: дојди и види (Јов. 1, 46)! Така и сите кои се сомневаат, било тоа да имаат и најмал сомнеж, дека во Вишни и Вевчани има светители праведни и чудотворци, нека дојдат на 8-ми и 9-ти јуни и нека видат.

Кои биле Спасе и Спаса Вишенски?

Житието на светите исповедници и праведни Спасе и Спаса, започнува и се испреплетува со историјата на големиот и познат манастир посветен на Вознезението Христово, кој се наоѓал над селото Заграчани, во месноста која и денес е позната како Бабуш. Според пишаните извори и спроведените археолошки истражувања, манастирот постоел сè до големите освојувања на Османлиите, кога бил и разрушен, како и сите наши големи светилишта од тој период. Тоа се годините кога отоманските освојувачи ја зацврстуваат својата власт на Балканот и во Македонија, и тоа го правеле на свиреп и страшен начин. Спалувале цели села и населби, го убивале и раселувале домородното христијанско население, како што било и со селото Заграчани. Се претпоставува дека свети Спасе и Спаса потекнувале токму од тоа село, па откако истото било запалено, тие двајца како сираци биле примени во блискиот манастир. Но набрзо и манастирот бил запален, по што започнале нивните подвизи по падините на планината Јабланица. Света Спаса се населила во веќе постоечка пештерна Црква, кај селото Вишни, а свети Спасе, исто така во претходно познато пештерско живеалиште над селото Вевчани. Света Спаса набрзо маченички го завршила својот живот, за да не падне во рацете на злобните освојувачи, со што го зачувала девството и како совршена невеста Му се предала на својот Младоженец Христос, а свети Спасе, повеќепати тепан поради својата вера православна, живеел како пустиник низ јабланичките шуми, проповедајќи помеѓу простиот, но верен селски народ, кој по никоја цена не се откажувал од својата вера христијанска. Се упокоил во длабока старост и не се знае местото на неговото погребение. Вака, народното предание го запазил споменот на овие двајца прекрасни исповедници Христови.
Mоштите на света Спаса се откриени во 1927 година, во пештерната црква во која се населила, а од средината на XIX век имаме неколку непосредни извори, писма на француски и британски конзули, кои зборуваат за страдањето на христијанското население во Струшко, и кажуваат дека е убиена една девојка, а христијаните во Вевчани се жестоко мачени, со што јасно заклучуваме каков бил односот на отоманскити освојувачи кон домородното христијанско население во овие краеви, низ сите години на нивното владеење. За нас, секако дека е најважно тоа што Господ овие двајца ги зачува живи во споменот на народот и преку нивните молитвени застапништва не престанува да твори чудеса. Исто така, мора да споменеме дека имињата што Црквата им ги дава на овие двајца, Спасе и Спаса, не знаеме дали се нивните вистински историски имиња, но бидејќи народот ги именува со некоја форма од овие имиња, а и самиот факт што нивниот спомен е поврзан со празникот на Вознесението Христово – Спасовден, сметаме дека овие имиња им се угодни и ним и на Бога.

Моштите на Спаса Вишенска се чуваат во црквата „Свети Атанасиј“ во струшкото село Вишни.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани