Раководството на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ вечерта на 28 март ги потврди кандидатските листи за пратеници во шесте изборни единици.
За парламентарни избори, државата е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници – која партија колку мандати ќе добие во секоја изборна единица се пресметува според т.н. Донтов модел.
Партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој веќе претходни ги објави носители, ќе ја предводи листата во првата изборна единица (ИЕ) која го опфаќа најголемиот дел од Скопје. На втората позиција е потпретседателката на партијата, Гордана Кочовска-Димитриевска.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски, ќе ја предводи листата во „петката“ каде следна е актуелната пратеничка Олга Лозановска.