Во врска со претстојната посета на претседателот на Словенија на Охрид, Борут Пахор, Секторот за внатрешни работи Охрид, презема соодветни безбедносни мерки.
Активностите се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците за што, остварени се контакти со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид, со Јавните претпријатија, со фирмите кои изведуваат работи за изградба на автопатот Охрид-Кичево како и со други релевантни субјекти. Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, ќе презема засилени безбедносни мерки на магистралните, регионалните, локалните патишта, сообраќајниците како и на улиците каде, е предвидено движење на делегацијата. Полициски службеници ќе вршат известување до сопствениците на патнички и други моторни возила за дислокација на возилата од паркинг местата на потегот булевар „Туристичка-„Македонски просветители“- кеј „Македонија“. Предвидени се мерки со специјално возило за подигнување и отстранување на неправилно паркирани и возила оставени на коловоз на овој патен потег, како и во стариот дел на градот каде, нема да биде дозволено запирање или паркирање на моторни возила. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат насоките и укажувањата на полициските службеници, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.