Претставени туристичките потенцијали на Охрид на саемот во Белград

Денеска, во рамки на Самот за туризам што по 43-ти пат се одржува во Белград- Србија беа презентирани туристичките вредности на Охрид и новините на туристичката понуда. Пред учесниците на Саемот и српските туристички работници за туристичките вредности и потенцијали на Охрид зборуваше градоначалникот, Кирил Пецаков.

 

– Верувам дека Охрид како најголем туристички центар во Македонија,е неизбежен и значен дел од вашите бизнис планови и дестинација која перманентно се наоѓа во вашите понуди. Ние сметаме дека Белградскиот саем е вистинското место каде ќе ги претставиме новините во туристичката понуда на Охрид. Убеден сум, дека голем дел од вас се прошетале низ Охридската чаршија, низ старите камени охридски сокаци, сте ја почуствувале свежината на Охридското Езеро на некоја од неговите плажи, а во вечерните часови сте уживале во пријатната музика на охридските трубадури. Традицијата и достигнувањата на генерациите пред нас се наша неизмерна инспирација, која ни дава сила и искрена волја да го развиваме туризмот во Охрид, како наша најсилна економска гранка. Горди сме што во континуитет ја подобруваме туристичката понуда, а постојано ги следиме светските трендови и затоа покрај постоечките, креираме и нови облици на алтернативен туризам. Изготвуваме и заеднички проекти со соседните земји, со што на туристичките работници им овозможуваме да понудат нови пакети и кружни тури и ќе се побуди интересот на гостите од целиот свет. Охрид и Охридското Езеро, како заштитено културно и природно наследство се на светската листа на УНЕСКО. Таквиот статус не афирмира во светот, но не обврзува крајно рационално да ги користиме заштитените природни ресурси и да обезбедиме одржлив развој на туризмот, препознатлив во светот. Ние знаеме како да го направиме тоа и да обезбедиме хармоничен и компатибилен спој на повеќе типови на туризам, со кои ќе ја збогатиме туристичката понуда, ќе ја продолжиме туристичката сезона и ќе го зголемиме економскиот бенефит. Заедно со професионалците од туристичкиот бизнис, упорно работиме на промоцијата на Охрид и заедно се радуваме кога ќе слушнеме дека некоја асоцијација или познат медиум не вреднува во врвот на светските топ – дестинации што треба да се посетат.Драги пријатели една стара изрека на охридските угостители вели дека ако сакаш пристојни гости, тогаш тоа треба да бидат од Западна Европа, но ако сакаш пристојни гости, весела атмосфера и полн џеб, тогаш тие мора да бидат од Србија. Оние кои биле во Охрид, велат дека таму има нешто што силно ве тера повторно да му се навраќате на градот и езерото или со зборовите на нобеловецот Иво Андриќ: – Секоја убавина во Охрид, кратко трае, но се повторува безброј пати. Затоа драги пријатели, Ве повикувам – Дојдете ни во Охрид! – подвлече градоначалникот Пецаков.

 

Самот за туризам во Белград се одржува по пауза од две години, поради Ковид кризата. Годинава на него учествуваат 250 туристички организации од 43 земји.

 

 

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани