Продолжува судењето, ќе има ли правда за убиениот Димитар?

За утре e закажано ново рочиште за убиството на 26 годишниот Димитар Матилоски од Охрид.

Откако на претходните две  рочишта од повторното судење,  обвинетиот  Бојан Угреновиќ од Кралјево не се појави во судница, судот му одреди повторно мерка притвор. 

Угреновиќ не се појави во охридскиот суд  откако претходно  беше пуштен  да се брани од слобода, од тогаш му се губи трага. 

Семејството, пријателите, јавноста разочарана, се сомневаат дека воопшто Угреновиќ ќе одговара за злоделото кое го стори. Во јавноста на големо се зборува дека српскиот турист, кој го уби Димитар Матилоски веќе ја напуштил државата, а тоа му го овозможија дупките во законот и македонското судство. 

Обвинетиот беше пуштен на слобода откако на 27 јули, 2017 Основниот суд Охрид даде мислење дека истекува последното продолжување на притворот за обвинетиот Угриновиќ. Основновното јавно обвинителство Охрид сметало дека притворот може да биде продолжен, па поради тоа била поднесена жалба на одлуката до Апелацискиот суд Битола, кој е надлежен да постапува. Но, и повисокиот суд го потврдил решението на Основниот суд Охрид и одлучил мерката притвор да биде прекината.

По ова обвинителството побарало мерки за обезбедување на присуство кои судот ги прифатил. На обвинетиот Угреновиќ му била одземена патната исправа, му била изречена забрана за напуштање на престојувалиште и на Република Македонија, како и повремено јавување кај надлежен орган.

Но очигледно ниедна од мерките не помогна ниту се спроведе па  убиецот место зад решетки е на слобода. 

Законот определува дека за кривични дела за кои е предвидена казна до 15 години затвор, притворот од правосилност на обвинение може најмногу да трае една година. За кривични дела за кои според стореното кривично дело е предвиден доживотен затвор, притворот по правосилност на обвинението може да трае две години.

Делото за кое се гони обвинетиот Угриновиќ е по член 123 став 1, за убиство предвидува затвор од најмногу 20 години. Па, според обвинителството притворот за обвинетиот треба да влезе во втора одредба, но судот сметал дека е во првата одредба и го пуштил да се брани од слобода. Зошто така постапил судот останува нејасно! 

Самиот притвор е укинат поради пропусти во законската регулатива и слободата на толкување на одредени членови.

Трагедија е тоа што судот не успеа во законскиот рок од една година да донесе правосилна пресуда за случајот. Судијата Весна Кичеец го осуди на 16 години казна затвор но Битолска апелација го врати случајот.

-Молчевме и чекавме, кажано ни беше дека имаме држава ќе добиеме правда, а ние добивме убиец во бегство! Ова е апсурд, велат разочарани роднините на убиеното момче. 

Убиството се случи на 1 јануари 2016 година кога по кратка расправија во угостителски објект во центарот на Охрид, Угреновиќ на смрт го претепа Димитар Матилоски пред кафе-барот. Семејството на убиениот тогаш бараше сторителот да одговара за кривично дело „свирепо убиство“ за што имаа и посебно приватно вештачење, но судот не го прифати. Угреновиќ првично го призна делото, а на последното судење се изјасна за невин, со што целиот процес се врати на почеток.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани