Во сабота промоција на стихозбирката „Сон, јаве или привид“ од Зоран Јакимоски. Книгата низ разговор со авторот ќе ја претстави Јулијана Величковска.
„Вербата во доброто на зборот, во поезијата, во љубовта, во комуникацијата со другите преку мисла и емоција, во свесноста дека ’времето се разминува самото со себе низ нас‘ во песните на Јакимоски достигнува филозофска димензија. Песните од поетската збирка ’Сон, јаве или привид‘ го поставуваат човековото постоење на три рамништа: сонот, јавето и привидот, опфаќајќи ги и несвесното, но и длабоко свесното, илузорното и реалистичкото во човечкото битие.“ ‒ Лидија Димковска
„Книгата ’Сон, јаве или привид‘ е компонирана со извонреден усет за балансираност на доминантните лирски мотиви што поетот, преку еден интуитивен наплив, ги нуди во изобилие. Често, меланхолично емотивен и носталгично настроен, апострофира една состојба на творечки немир што допира и до најсуптилните духовни мрежи.“ ‒ Славе Ѓорѓо Димоски Изданието е поддржано од Министерството за култура.
ЗОРАН ЈАКИМОСКИ е роден на 1.11.1968 г. во Велестово, Охрид. Автор е на стихозбирките: „Граматика на поривот“ (1994), „Совршен молк“ (2001), „Зборот неизречен“ (2004), „Влажна месечина“ (2010), „Морето се мурти“ (2010), „Ништо не е недостижно“ (2014), „Задачите се зададени“ (2017), „Официјални документи за нас“ (2017) и уште: „Без изговори“ (избор песни, 2020) и „Побуди и белешки“ (критичко-есеистичка, 2021). Негови песни се преведени речиси на сите балкански јазици, но и на: англиски, полски, украински и др. Самиот има препејувано од хрватски, српски и бугарски на македонски. Добитник е на повеќе награди, од кои најзначајни се: наградата „Млада Струга“ (1995) и „Јован Котески“ (2017). Застапуван е во повеќе избори и антологии објавени во Македонија и во странство. Член е на ДПМ од 2012 г.
Настанот ќе биде организиран според актуелните препораки на Владата и Министерството за здравство за заштита од ковид.
Промоцијата ќе биде сабота, 9.4.2022 г. од 18:00 часот во кафе и бар ШИЛА во Охрид.