Промоција на „Тапшин танана“ во Охрид по повод Светскиот ден на литературата за деца

По повод 2 април – Светскиот ден на литературата за деца, НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид утре со почеток во 12:00 часот ќе организира промоција на книгата „Тапшин танана“ од Божана Атанасова.

Станува збор за роднокрајна авторка, Божана Атанасова, родена во 1944 година во селото Лактиње, која по професија е пензионирана медицинска сестра, а зад себе има повеќе книжевни дела: „Митуш“ (2013), „Водици“ (2016), „Талкачи по виножитото“ (2016), „Во приквечерината“ (2021) и „Низ прозорецот“ (2022).

Најновата книга „Тапшин танана“ содржи 17 приказни, инспирирани од детството на авторката, но и од секојдневието со нејзините внуци Димитар и Искра.

Издавач на делото е НУ Библиотека „Григор Прличев“, а промотор на настанот ќе биде м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар. Извадоци од книгата ќе чита библиотекарката Бети Лазеска – Симоноска, додека за значењето на книгата и празникот ќе говори директорката Христина Трпеска.

Светскиот ден на литературата за деца се одбележува од 1967 година, во чест на роденденот на големиот дански писател Ханс Кристијан Андерсен, со цел да се поттикне љубовта кон книгата кај најмладите.

Од Библиотеката упатуваат покана до деца, родители, како и баби и дедовци, да присуствуваат на настанот – најмладите да уживаат во приказните, а повозрасните да се потсетат на детството.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани