СВР Охрид информира дека, со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот, ќе бидат интензивирани контролите кон сите возачи, со посебен акцент на моторциклисти, мопеди, велосипеди со помошен мотор, трицикли и четирицикли.
Од полицијата најавуваат дека кон сите кои не ги почитуваат сообраќајните правила ќе бидат преземени репресивни мерки согласно законските овластувања.
Посебно се потенцира дека управувањето моторно возило без положен возачки испит претставува кривично дело, согласно член 297-А од Кривичниот законик, при што возилата ќе се одземаат во координација со ОЈО Охрид, а против сторителите ќе следуваат кривични пријави.
Во изминатиот период, при контролите, биле затекнати малолетници и млади лица како управуваат мопеди и моторцикли без возачка дозвола, а дел од случаите завршиле и со сообраќајни незгоди со тешки последици.
Поради тоа, од СВР Охрид апелираат до родителите, старателите и наставниот кадар да укажат на младите за ризиците од непочитување на сообраќајните правила, како и да не управуваат возила без соодветна дозвола. Се апелира и до возачите кои имаат дозвола, да носат заштитна кацига и да ги почитуваат правилата во сообраќајот.
При контролите спроведени вчера (31.03.2026 од 11 до 17 часот), СВР Охрид одзеде три мопеди, а против возачите ќе бидат поднесени кривични пријави.
