Во рамки на проектот „Четврта годишна средба на роднокрајни автори“, кој е дел од годишната програма на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, утре, 3 јуни, во Прличевата одаја ќе бидат промовирани третиот Алманах „По стапките на Прличев“ и видео проект со петмина роднокрајни автори.
Алманахот претставува резултат на долгогодишната соработка на Библиотеката со поети и писатели од Охрид, регионот и дијаспората, сѐ до Австралија. Во него се застапени стихови и прозни творби од 29 автори, кои преку своето творештво ја афирмираат книжевната традиција и духовното наследство на Охрид.
Годинава проектот оддава почит и на тројца значајни охридски автори, чии јубилеи се одбележуваат во 2026 година: 95 години од раѓањето на Видое Видически, 85 години од раѓањето на Светлана Христова-Јоциќ и 70 години од раѓањето на Љупчо Милковски. По една нивна песна е објавена во новото издание на Алманахот.
Во рамки на настанот, со почеток во 11 часот, ќе биде претставен и видео проектот во кој се снимени интервјуа со Енис Хилми, Митко Колјушески, Елена Обухова, Митре Мангоски – Радождански и Виолета Ачкоска. Со овие записи Библиотеката ќе го збогати својот аудио-визуелен фонд и ќе придонесе за трајно зачувување на локалното книжевно творештво.
Носител на двата проекта е Милчо Јованоски, виш библиотекар во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.
