Охрид доби уште еден вреден експонат во својата богата културна ризница. Мозаичната икона „Исус Христос на престол“ од XIV век, единствена сочувана икона од ваков тип во Македонија, е дел од постојаната поставка на Галеријата на икони.
Станува збор за исклучително редок пример на преносна византиска мозаична икона. Во светот се смета дека се зачувани само околу триесет вакви дела, што дополнително ја нагласува вредноста на охридскиот примерок.
Иконата била откриена во 1960-тите години во јужната апсида на црквата „Света Богородица Перивлепта“. За разлика од традиционалните икони изработени со сликарска техника, мозаикот е составен од ситни обоени камчиња и стаклени коцки – тесери, меѓу кои има и златни елементи. Начинот на нивното поставување создава специфично прекршување на светлината и различен визуелен ефект при набљудување од различни позиции.
Делото потекнува од времето на Палеологовската ренесанса, период во кој византиската уметност доживува нов процут. Токму во тој период Охрид бил еден од значајните духовни и културни центри, со силни уметнички и црковни врски со големите византиски центри.
Според стручните оценки, ваквите мозаични икони биле изработувани во ограничен број и барале голема прецизност, специфично знаење и употреба на скапи материјали. Слични примери денес се чуваат во некои од најпознатите светски музеи, меѓу кои Лувр, Метрополитен музејот и Боде музејот.
Поставувањето на „Исус Христос на престол“ е дел од одбележувањето на 75 години организирана музејска дејност во Охрид. Со нејзиното вклучување во постојаната поставка, посетителите сега за првпат ќе имаат можност трајно да го видат ова исклучително дело, кое досега се чуваше во музејското депо.
