Сѐ е подготвено за овогодинешниот Вевчански карневал кој традиционално ќе се одржи на Василица. И оваа година се најавува богата програма.
Освен дефилето на маски, за посетителите ќе има и богата музичка програма на 12 и 13 јануари. Организаторите велат дека како на фимска лента посетителите ќе може да видат што се случувало во изминатата година. Се очекуваат гости од цела Македонија, но и туристи да го посетат Вевчани.

Вевчанскиот карневал е потврда на посветеноста, љубовта и упорноста на вевчанци. Креативноста и мајсторството во изработката на маските се повеќе од уметнички дела, тие се огледало на времето со своја порака и несекојдневен пристап кон сето она што се случувачо во текот на една година, рече министерот Љутков во пресрет на годинашниот Вевчански карневал, кој не е само културна, туку и туристичка атракција. Тој ги поврзува минатото и сегашноста на еден уникатен начин.
Знаете дека имаме две василичарски друштва тоа е Горна и Долна маала и секогаш било така од кога постои карневалот, организацијата е нивна, што ќе се случува и како ќе се случува, тоа е дражта на овој карневал и никој не знае што ќе видите таму. Ако влезете со чиста мисла мислам дека ќе се забавувате и ќе поминете прекрасни два дена, изјави градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.
Вевчанскиот карневал има огромно значење не само за Вевчани, туку воопшто за Македонија, доколку имаме предвид дека Вевчани е членка на Европската федерација на карневалски градови и големиот интерес на посетителите (домашни и странски), вели Кочовски. Тука се традиционалните маски зетот и невестата, Глупавиот Август но секоја година вниманието го привлекуваат токму новите маски кои го отсликуваат сето она што се случувало во општествено- политичкиот живот во земјава.
Во рамките на музичката програма која ќе започне на 12 јануари се предвидени настапите на Ареа, Љубојна, гости од регионот се бендот „Забрањено пушење“, на 13 јануари Наум Петревски и оркестарот со зурли и тапани од Вевчани.
