Тврдам дека секој втор угостителски објект бара работници. Еден дел од нив за време на пандемијата се преквалификуваа и најдоа друга работа, но најголем дел од готвачите и келнерите заминуваат да работат на море, особено во Хрватска и во Црна Гора, вели Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.
Откако пред две недели се укинаа сертификатите за отворениот дел на угостителските објекти, со првите пролетни температури се зголемува интересот на посетителите за угостителски објекти. Она што е уште поважно, како што велат угостителите, е што веќе „на големо“ се закажуваат свадби, а се резервираат и термините за матурските прослави. Но, негативната страна е што нема кадар за работа во рестораните и во кафулињата, па угостителите се исправија пред нов предизвик – како да работат.
– Тврдам дека секој втор угостителски објект бара работници. Еден дел од нив за време на пандемијата се преквалификуваа и најдоа друга работа, но најголем дел од готвачите и келнерите заминуваат да работат на море, особено во Хрватска и во Црна Гора. Тие не размислуваат долгорочно, едноставно сега имаат можност да работат на море и да бидат поплатени и ја напуштат овдешната работа за сезонска работа надвор од државата – вели Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.
Огласи за работа во Хрватска и во Црна Гора има и на нашите сајтови за вработување, и тоа пуштени директно од тамошните хотели и ресторани. На пример, се бараат собарки, хигиеничари, готвачи, помошник готвачи, келнери за позната хотелска групација „Будванска ривиера“. Кадар се бара и за работа во ресторани, па црногорскиот ресторан „Хедонист“ нагласил дека нуди и сместување и исклучителна плата.
Според него, во државава мора да се случи еден вид реформа на угостителството според новонастанатите услови.