Селектирањето на органски отпад го намалува метанот и депониите

Од Ј.П. Охридски Комуналец информираат дека органски отпад претставува отпад од градини, остатоци од готвење како овошје, зеленчук, месо и млечни производи, како и хартиени остатоци – салфети, хартиени чинии и слично.

Според податоците, околу 50% од отпадот што го создаваме е органски отпад, а неговата правилна селекција е од клучно значење за заштита на животната средина. Доколку не се селектира, органскиот отпад создава метан – гас кој е неколкукратно поштетен стакленички гас од јаглероддиоксидот.

Со издвојување на органскиот отпад значително се намалува количината на отпад што завршува на депониите, а истиот може да се искористи за производство на компост со висок квалитет или за добивање на биогас, односно енергија.

Од претпријатието посочуваат дека во моментов во општината не постои инфраструктура за системска селекција и собирање на органски отпад, но тоа е предвидено во следните фази од имплементацијата на системот за управување со отпад.

Во меѓувреме, се охрабруваат граѓаните кои имаат можност, во своите домаќинства да го одлагаат органскиот отпад одвоено и да го користат за создавање компост. Компостот ја збогатува почвата и го намалува користењето на хемиски ѓубрива штетни по здравјето.

„Отпадот е прашање што нѐ засега сите. Селектирај правилно!“ – порачуваат од ЈП „Охридски Комуналец“.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани