Шверцери, од Албанија и Македонија, дрога пренесуваат и преку Охридското езеро.
Добро обучени шверцери, „крстарат“ низ Охридското езеро и со чамци пренесуваат дрога марихуана од Албанија во Македонија.Транспортот најчесто се врши во ноќните и раните утрински часови кога со чамци се тргнува од албанската страна на езерото и се доаѓа до одредени и однапред договорени точки на охридско-струшкото крајбрежје. Охридската полиција со своите организациони единици и со МВР, досега успешно реализирале неколку акции, ја одзеле дрогата и притвориле пет лица.
Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид вели дека вкупно 164 килограми опојна дрога марихуана, пронашла и одзела полицијата во неколку организирани акции реализирани од почетокот на годинава до денеска.
-Во врска со тоа а поради постоење на основи на сомнение за сторено казнено дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено во чл.215 ст.1 од Казнениот законик на Република Македонија, криминалистичката полиција при СВР Охрид против пет лица, еден албански и четворица македонски државјани има поднесено соодветни кривични пријави, информира портпаролот Димоски.
Според наводите во поднесените пријави, пријавените лица извршиле транспорт на поголема количина на опојна дрога мариухана по воден пат односно транспорт преку водите на Охридско Езеро. Нивните намери биле натамошна препродажба на опојната дрога на подрачјето и пошироко во Република Македонија.
Посочените акции за сузбивање на наркокриминалитетот се изведени крајно професионално и во беспрекорна координација на криминалистичката полиција и другите организационите единици на СВР Охрид со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, нагласува Димоски.