29-ти април се слави како Светски ден на танцот. По тој повод Младинскиот културно образовен центар Соната од Охрид на градскиот плоштад во Охрид ќе организира настан со кој ќе го одбележи овој ден.
Настанот е закажан за 13:00 часот, кога за прв пат во Охрид ќе се организира Dance Battle. Dance Battle, инаку, е натпревар помеѓу два танчери или два тима танчери кои танцуваат три рунди на музика која од напред не им е позната, а на која на лице место треба да создадат кореографија. Учество ќе земат членовите на Студиото за танц кое работи во рамките на МКОЦ Соната, а кои веќе се имаат докажано на бројни меѓународни натпревари, но и сите оние кои сакаат да се приклучат на еден ваков начин на забава и демонстрација на танцовите вештини,
Настанот дополнително ќе има хуманитарен карактер. На градскиот плоштад ќе бидат поставени кутии на Црвен крст Охрид наменети за собирање средства за помош за малата Мила, на која и е нужна итна операција во Кина.
Настанот има ревијален, а не натпреварувачки карактер. Сите оние кои сакаат да аплицираат за Dance Battle, можат да аплицираат на www.mkoc-sonata.org најдоцна 1 час пред почетокот на настанот.
Информации за Светскиот ден на танцот
Меѓународниот ден на танцот се прославува на 29-ти април во чест на Жан-Жорж Новер, основачот на модерниот балет. Уште од 1982-рата познати иниња од областа на танцот пишуваат пораки кои се читаат на секаде во светот каде се прославува овој ден. Оваа година пораката за Европа ја има напишано Охад Нахарин, познат кореограф од Израел, кој меѓу другото ќе рече дека „танцувањето е спојување со моментот. Танцот е всушност се што слушате и го претварате во чувства и му давате содржина на сето тоа.“.
