Во Струга заврши годинешниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.Струга по 56-ти пат покажа дека е уникатен град на поезијата.
„Убава ноќ, убава река, подобро не може да биде“ – беа зборовите на благодарност на годинашниот добитник на „Златниот венец“ американскиот поет Чарлс Симиќ. Наградата му ја врачи претседателката на УО на манифестацијата Елизабета Шелева.Со врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, вечерва беше спуштена завесата на 56-те Струшки вечери на поезијата.
Наградата „Браќа Миладиновци“ на истакнатиот поет Михаил Ренџов за неговата книга „Јас. Елегии“ му ја врачи Кристина Николовска претставник на жири-комисијата која одлучуваше за најдобрите поетски збирки. Инаку, Ренџов е двократен добитник на најпрестижното национално признание за поетско творештво кое му беше доделено и во 1982 година за книгата „Нерези“. Наградата „Мостови на Струга“ што се доделува заедно со УНЕСКО, на младиот хрватски поет Горан Чолакхоџиќ му ја врачи директорот на манифестацијата Мите Стефоски.
Церемонијата на свеченото затворање на фестивалот продолжи со традиционалното поетско читање „Мостови“ на кое настапија дваесетина поети од странство. На полноќ во хотелот Дрим на поетот Јосип Коцев му беше врачена наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор од Македонија прочитана на фестивалот.
Денеска (понеделник, 28 август) во 13.00 часот на платото пред црвквата Св. Андреја на Матка ќе се одржи традиционалното поетско матине, а во 21.00 часот поетите учесници на 56-те Струшки вечери на поезијата ќе ги читаат своите стихови на плоштадот „Македонија“ во близина на Камениот мост во Скопје.
Извор:cooltura.com