Посетата на шеикот од Катар предизвика лавина реакции во јавноста.
Граѓаните критички, го обвинуваа новиот градоначалник Јован Стојаноски за бизнис зделки, негрижа за крајбрежието и екологијата, а некои отидоа до таму дека човекот кој бил во кабинетот воопшто не бил ни шеик.
Првиот човек на градот Охрид децидно појасни дека човекот бил шеикот Јасим Бин Хамад Ал Тани од Катар и дека неговата посета во градот била протоколарна, закажана преку амбасадата на Македонија во Катар и министерството за земјоделие.
Ал Тани бил заинтересиран за купување на имот и евентуални инвестиции во туризмот, но општината засега не го третира како инвеститор.
-„ Човекот се интересираше за одредени можности за купување на имот или за инвестиции во Охрид. Ние како општина Охрид во моментов не го третираме како инвеститор туку како еден висок, висока делегација од една реномирана земја“., рече Јован Стојаноски градоначалник на општина Охрид.
Граѓаните скептични Ал Тани го споредуваат со Субрата Рој, индиецот кој најавуваше милионски инвестиции во Љубаништа, а заврши во затвор.
-„Ние немаме намера да измислуваме нови Субрата Рој и од прв ден да покажеме пред граѓаните дека ке бидеме насочени кон такви претставници да доаѓаат во општината“ , додава Стојаноски.
Од советничката група на ВМРО ДПМНЕ велат на Охрид му се потребни странски инвестиции и нови работни места.
-„Секоја странска инвестиција која што ќе отвори нови работни места ние ќе ја поддржиме како советничка група на ВМРО ДПМНЕ“, изјави Кирил Пецаков координатор на ВМРО ДПМНЕ.