Струга и по една недела без безбедна вода за пиење

Струга и по една недела без безбедна вода за пиење. Зголемената матност сè уште е над дозволените граници, а забраната за употреба останува на сила во целиот град и дел од околните населени места.

Иако првично се очекуваше состојбата побрзо да се нормализира, последните анализи покажуваат дека вредностите на матноста и понатаму се покачени. Водата е хлорирана, но проблемот не е во дезинфекцијата, туку во физичките параметри – односно заматеноста.

„Водата е хлорирана, значи има 0,3 милиграми хлор, но проблемот останува матноста. Во самиот извор Шум измерена е вредност од 3,62. Во градската мрежа матноста се движи околу 3, додека во селата Заграчани и Ложани е нешто пониска, но сепак забраната останува на сила. Матноста не може да се намали за еден ден, затоа земаме мостри со временска разлика, во среда и во петок.“,  Лидија Симоноска, специјалист по хигиена, Центар за јавно здравје Охрид. 

Според здравствените служби, мостри се земаат континуирано, на секои еден до два дена, бидејќи процесот на намалување на матноста не може да биде инстантен. Дури и кога водата визуелно изгледа почиста, лабораториските параметри мора да бидат во дозволени граници за забраната да биде укината.

Паралелно со редовните анализи од Центарот за јавно здравје, во Струга пристигнаа и експерти од приватна акредитирана институција од Скопје. Тие извршија дополнителни испитувања на водата со цел да се утврдат точните причини за зголемената матност и да се предложат мерки за стабилизација на системот.

Градоначалникот на Струга вели дека одговорност ќе има и дека ова не е изолиран случај.

„Овој случај не е прв. И во минатото имало вакви ситуации. Ова не се случи туку така, туку е резултат на слабо менаџирање и непреземање на потребните мерки во минатото. Сите ќе одговараат за ваквата состојба, без разлика дали се правни или физички лица и без разлика кога управувале со претпријатието.Оваа ситуација е резултат на несовесно управување со ЈП ‘Водовод и канализација’, со кое Струга со години наназад има проблеми – или со недоволно чиста вода или со недостиг на вода.“, вели Градоначалник на Струга Менди Ќура. 

Во меѓувреме, граѓаните се снаоѓаат со алтернативни решенија – флаширана вода или техничка вода за хигиенски потреби, додека институциите уверуваат дека состојбата се следи секојдневно.

Според последните информации од здравствените служби, стабилизација на состојбата се очекува дури кон крајот на оваа недела, кога ќе бидат познати и резултатите од новите анализи.

До тогаш, стружани не смеат да ја користат водата од градскиот водовод ниту за пиење, ниту за готвење, сè додека надлежните институции официјално не ја укинат забраната.

Новинар Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани