Свети Атанасиј Велики – Танасовден

Според календарот на МПЦ денес се одбележува споменот на Свети Атанасиј Велики, архиепископ Алесандриски.

Атанасовден локално познат како Танасовден претставува празник посветен на големиот христијански светител Св. Атанасиј Велики. Македонците го празнуват два пати во годината. На 31 јануари, со домашни служби, се празнува Атанасовден-зимен, како заеднички спомен на двајцата александриски архиепископи Св. Атанасиј Велики и Св. Кирил Александриски, за нивните заеднички заслуги во одбраната на православието од двете ереси: аријанството и несторијанството. Празникот народот го смета за средзимо и се верува дека главните студови веќе се поминати. Во народното верување тој е победник над силните студови и мразеви. Се празнува и на 15 мај, ден на упокојувањето на светителот, празник познат како Атанасовден-летен. Особен култ кон празнуваењето на Свети Атанасиј во зима (31.1.) е раширен во повеќето села во Скопско (Драчево, Шишево), додека особено раширен култ кон празнувањето на летниот Атанасовден има во повеќето села во Радовишко (Ораовица, Сулдурци, Дедино).

 

Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани