Според календарот на МПЦ денес се одбележува Свети Јаков, епископ и Исповедник.
Не се знае ни местото на неговото раѓање ни местото на неговото епископство. Се знае само дека ги исполнил Христовите заповеди, подвизувајќи се многу во пост и во молитва и дека во времето на Копроним претрпел големи беди од иконоборците: глад, затвор и секакво подбивање. Најпосле Му ја предал својата света душа на Бога, Кому верно Му послужил во овој живот. Живеел и страдал во 7 век.
Тропар
Пример за подвижништво меѓу епископите, молитвенику кој Бога непрестајно Го призиваше, исповеднику на вистинската вера во Господа, Јакове свети исповедниче, маките и страдањата твојата душа ја прекалија, и до небесните дворови ја донесоа, моли се, свет пастиру, со Бога помирени да бидеме по твоите свети молитви.
Преподобен Кирил, епископ Катански во Сицилија
Родум од Антиохија и ученик на апостолот Петар. Добро управуваше со Христовото стадо. Имаше и дар на чудотворство преку молитвата. Така еднаш претвори горчлива вода во питка, бидејќи беше суша и наоколу немаше друга за пиење. Мирно се упокои.
Тропар
Од горката заблуда на незнаењето, првоврховниот Апостол те приведе во познание на сладоста во Христовото учење, о Кириле, епископе свети, мирно пасејќи го стадото Божјо, мноштво чудеса сотвори благодатта која те крепеше. Затоа од небесните дворови моли се да се спасат нашите души.
Свети Тома, патријарх Цариградски
Живееше во времето на царевите Маврикиј и Фока, кога патријархуваа Св. Јован Постник и Киријак. Св. Јован ја забележа неговата ревност и неговото големо благочестие и го возведе во чин на сакелариј (намесник) на Патријаршијата, а по смртта на Киријак го избраа за патријарх. Во негово време се случи еден необичен настан. Кога еднаш одеа во литија со крстови, крстовите почнаа сами од себе да се колебаат и да се удираат еден од друг. На ова се зачуди сиот народ. Кога патријархот дозна и се увери во вистинитоста на овој настан, го викна Теодор Сикеот, прочуен испосник и проѕорливец, и го замоли да му објасни што се претскажало со таа случка. Теодор му се помоли на Бога и му откри на патријархот дека тоа ги означува големите неволји што ќе ја снајдат Црквата, а коишто ќе дојдат и на целото грчко царство заради внатрешните политички и верски раздори. Ова наскоро сосем се исполни. Тома го молеше Теодор тој да се помоли на Бога за него за Бог да го земе кај себе пред да настапат оние беди. „Заповедаш да дојдам кај тебе или да се видиме таму пред Бога?“, му одговори во писмо Теодор и со ова му кажа дека наскоро обајцата ќе умрат. Истиот тој ден патријархот се разболе и умре, а набрзо по него и Св. Теодор. Свети Тома се упокои и се пресели кај Господ во 610 година.
Тропар
„Очите мои судот да не го видат“, се молеше, о Томо, пастиру ревносен, срцето се кинеше од болка кога отпадништвото меѓу луѓето го гледаше, затоа измоли од Господарот на животот милост да има за очите твои, и поита при нозете Негови, молејќи се и денес за спасение на душите наши.
Преподобен Серапион
Другар на Св. Антониј Велики. Во Нитриската пустина беше настојател на т.н. Антиохиски манастири, во кои имаше околу единаесет илјади монаси. Паладиј и Созомен го нарекуваат Велик. Се упокои околу 366 година. Пишуваше Свети Серапион: „Не мисли дека болеста е тешка, тежок е само гревот. Болеста н ? следи само до гробот, а гревот останува со грешникот и потоа“.
Тропар
Боговдахновен пастиру Серапионе, сотрудниче Антониев и Атанасиев, ревнителу иповеднички на светата Вистина, моли се за нас, усто благоглаголива, на кого пустината му е дом до вечноста, а суетата човечка тесен кострет пропадлив, пред Христа Бога да имаме милост голема.
МПЦ