Велосипедистите од „ВЕРА ТУР 2022“ доаѓаат во Охрид

По изминати 2500 километри, велосипедистите учесници на првата велосипедската турнеја „ВЕРА ТУР 2022 денеска се во Охрид“.

Велосипедистите и пратечкиот стручен и медицински тим, денеска околу 18 часот, во Македонија ќе влезат преку граничниот премин „Ќафасан“. По Охрид, велосипедската тура утре на 05 април, продолжува за Скопје, каде и официјално, на пригодна церемонија ќе биде означено нејзиното завршување.
Организатор на турата е Александар Стојков, успешен деловен човек со потекло од Македонија, кој, вело турата ја организира во знак на почит и чест кон неговата мајка Вера Стојкова и чиј финиш е на 5 април- денот кога од Ковид 19, таа починала. Стојков вели дека трката значи „почит и кон сите оние што ги загубиле животите од злото Ковид-19, во чест на сите што не се со нас, но и во знак на почит на сите блиски околу нас, на сите родители, деца, семејства, колеги, пријатели“.


Инаку, велосипедската турнеја „ВЕРА ТУР 2022“ отпочна на 21 март оваа година од Св.Николе-Македонија, родното место на Вера Стојкова и се возела низ Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Албанија при што, велосипедистите за 15 дена или 15 етапи, најчесто по ладно време, поминале околу 2.500 километри или околу 170 километри при секоја етапа. Притоа, на велосипедистите им се придружувале и бајкери од земјите низ кои поминувале а имале само два дена пауза меѓу етапите, што е подвиг еднаков на големите велосипедски натпреварувања. Според Стојков, „единствената разлика меѓу големите трки и оваа тура, е ревијалниот карактер кој го има ВЕРА ТУР во оваа година, меѓутоа работиме и се надеваме, дека од следната година ВЕРА ТУР ќе прерасне во традиционална трка, пред се поради карактерот, меѓутоа и затоа што на овие простори нема таква слична гранд- велосипедска тура“.


Возејќи низ Хрватска, велосипедистите од Македонија имале официјален пречек на споменикот на Тоше Проески во Нова Градишка каде положиле свежо цвеќе, ја посетиле и новозавршената Македонска црква во Загреб а биле и на спомен местото кај Ротимље-БиХ, каде во авионска несреќа загина претседателот Борис Трајковски со екипажот.


Велосипедистите возеле со специјално дизјнирана опрема за овој настан-официјален дрес, со знамињата на државите низ кои минувале, официјални маици и спортски дуксери за учесниците и за фановите, како и сета потребна професионална опрема што е потребна за организација на една ваква тура.
Според Стојков, „целта на оваа велосипедска тура е возобновување на човечките вредности, подзаборавени или изместени во последно време, враќање на соработката, разбирањето и љубовта од секаков вид, кои некогаш ги имаа, а денес помалку ги практикуваат народите кои живеат на овие простори“.


-Да се посветиме на здрав живот, на спорт, на толеранција, да ги почитуваме различностите како дополнителна вредност што не прави побогати, да покажеме дека границите може да ограничат еден простор или држава, но не можат да не делат и да не спречат да се почитуваме, вели Стојков според кој, „вело турата треба да прерасне во голема натпреварувачка трка на овие простори, пандан на француската (Тур де Франс), италијанската (Џиро д’Италиа) и шпанската (Вуелта а Еспања).

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани