Светиот цар Константин и царица Елена

Според календарот на МПЦ денес се одбележува споменот на Светиот цар Константин и царица Елена.

Царот Константин Велики и неговата мајка царицата Елена за нивните заслуги во признавањето и ширењето на хроистијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите.

Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот влател на големата Римска империја што ја признал оваа вера.Родители на Константин му беа царот Констанциј Флор и царицата Елена. Флор имаше уште деца и други жени, но од Елена го имаше само овој Константин.

Три големи борби имаше Константин кога се зацари: една против Максенциј, тиранин во Рим, друга против Скитите на Дунав и трета против Византинците. Пред борбата со Максенциј, кога Константин имаше голема грижа и се сомневаше во својот успех, му се јави сред бел ден блескав крст на небото, сиот закитен со ѕвезди, а на крстот стоеше напишано: „Со ова победувај!“ Восхитен царот нареди да му исковаат голем крст, сличен на тој што му се јави и да го носат пред војската. Со силата на Крстот тој стекна славна победа над бројно надмоќниот непријател. Максенциј се удави во реката Тибар. Веднаш потоа Константин го издаде прочуениот Едикт, во Милано, 313 година, за престанок на гонењата на христијаните. Откако ги победи Византинците, тој изгради прекрасна престолнина на Босфор, којашто оттогаш се нарече Константинопол. Но пред ова Константин западна во тешка проказна болест (лепра). Жреците и лекарите го советуваа да се бања во крв од заклани деца, но тој тоа го одби. Тогаш му се јавија Светите апостоли Петар и Павле и му рекоа да го побара епископот Силвестер, којшто ќе го излечи од страшната болест. Епископот го поучи во христијанската вера и го крсти и проказата исчезна од телото на царот. Кога во Црквата настана раздор заради смутливиот еретик Ариј, царот го свика Првиот Вселенски Собор во Никеја, во 325 година. Овде се осуди ереста, а се утврди Православието. Благочестивата мајка на царот, Света Елена, ревнуваше усрдно за верата Христова. Таа го посети Ерусалим и го пронајде Чесниот Крст Господов и на Голгота ја изгради црквата на Воскресението и уште многу други цркви по Светата Земја. Во својата осумдесетта година оваа света жена се престави кај Господ, во 327 година. А царот Константин ја надживеа мајка му за десет години и се упокои во својата шеесет и петта година, во 337 година, во градот Никомидија. Неговото тело беше погребано во црквата на Светите апостоли во Цариград.

Обичаи и верувања

Култот кон Константин и Елена почнал да се шири во IV век, а во црковните песни царот Константин, кој уште се вика и Константин Велики се споредува со светиот апостол Павле. Останал забележан како втемелувач на христијанството и основач на Цариград (Константинопол). 

Нивниот заеднички празник се празнува на 3. јуни според новиот, (односно на  21 мај според стариот) календар  и во некои краишта се смета за тежок празник. Во Гевгелиско се сметал за тежок празник (аталија) и никој не работел. Се одело на панаѓур во с. Мрзенци. Во Радовиш одвечер оделе во с. Конче, тамо во црквата ноќевале и оставале ветени дарови: крпи, кошули, чорапи, или стока: јагниња, телиња и др. Сето тоа се правело за здравје.

Под манастирот Свети Наум Охридски – Чудотворец, до самото езеро, има извор со лековита вода. Според верувањето оваа вода секогаш е лековита но најмоногу на празникот Св. Константин и Елена. Според едно предание Свети Наум му рекол на таткото на една ќелава девојка да појди на денот свети Константин и Елена под карпата каде што течела вода и да ја измие девојката. Така направил и таа веднаш оздравела, и пораснала убава и густа коса. „Од тогаш на празникот на свети Елена и Костадин редовно идат луѓе да се мијат со водата од изворчето под карпите на манастирот Свети Наум. Таа вода е лекојта и друг пат, ама на празникот најмногу”.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани