Со цел зголемување на безбедноста на вода во текот на летната туристичка сезона, Одделението за превенција при СВР Охрид ја започна кампањата „Безбедно на педалинки“.
Полициски службеници деновиве спроведуваат интензивна комуникација со лицата кои на плажите долж охридското крајбрежје издаваат пловни објекти – педалинки за рекреативна намена, при што укажуваат на потребата од зголемена внимателност и одговорност.
Од СВР Охрид потенцираат дека при секое издавање на педалинка неопходно е да се изврши проверка на нејзината исправност, како и задолжително да биде обезбедена соодветна безбедносна опрема.
Посебен акцент се става на обезбедување исправни спасувачки елеци со соодветна големина за секој корисник, вклучително и за деца, како и поседување јаже или друга опрема за интервенција во итни случаи.
Во рамки на кампањата, на издавачите им се укажува внимателно да го следат движењето на педалинките и навремено да реагираат доколку забележат опасност, како и веднаш да ги информираат надлежните служби.
Корисниците, пак, треба да бидат запознаени со основните правила за безбедност при користење на педалинки, меѓу кои се задолжително носење спасувачки елек, забрана за скокање или туркање од педалинката, забрана за управување под дејство на алкохол или психотропни супстанции, како и почитување на означените зони за пловидба.
Од полицијата апелираат до сите посетители на охридските плажи да ги почитуваат препораките, со цел безбедно и пријатно летување.
