Јавното комунално претпријатие „Дебрца“ доби ново комунално возило, кое ќе овозможи поефикасно и побрзо собирање на отпадот на територијата на општината.
Новата механизација, според градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, претставува значаен чекор кон модернизација на комуналните услуги и подобрување на хигиената во населените места.
„Со набавката на ова современо комунално возило директно ја реализираме нашата заложба за обновување и унапредување на комуналната механизација“, истакна Сиљаноски.
Тој нагласи дека подобрувањето на комуналната инфраструктура е клучно за одржување на чиста и здрава животна средина, особено во руралните средини каде е потребна поголема ефикасност во сервисирањето на потребите на граѓаните.
Од локалната самоуправа упатија апел до жителите за заедничка грижа и одговорен однос кон животната средина, со цел Дебрца да продолжи да се развива како чиста и уредена општина.


