
„Златната доба“ или почеток на новата глобална поделба?
Првиот говор на Доналд Трамп пред Конгресот не беше само обичен извештај за сработеното, туку манифест на новиот светски поредок што го најавува неговото враќање.
За само шест недели, неговата администрација воведе одлуки што претходните лидери не можеа ниту да ги замислат во текот на цели мандати.
Од строгите гранични контроли до агресивните економски мерки, Трамп повторно го презема кормилото со единствена цел: да ја врати Америка како главен арбитер на светската сцена.
Но, овој пат, времињата се различни. САД не се враќаат во свет каков што беше пред четири години.
Европа е разединета, Кина е поагресивна, а војната во Украина ја претвори во вистинска шаховска табла за глобалните сили.
И токму затоа, неговиот говор не беше само домашна порака – тоа беше ултиматум до светот.
ПАДОТ НА ГЛОБАЛИЗМОТ: ТРАМП ЈА ЗАКЛУЧУВА АМЕРИКА
Со најниско ниво на илегална миграција во историјата, драстично намалени федерални трошоци и зголемена домашна експлоатација на критични минерали, Трамп не само што ја запира „пропаста“ на Америка, туку и испраќа порака до сите кои мислеа дека може да профитираат на нејзиниот пад.
- „Ќе земеме трилиони долари и ќе создадеме работни места какви што никогаш порано не сме виделе“, рече тој, најавувајќи тарифи кон Европа, Кина, Индија, Мексико и Канада.
Преведено на геополитички јазик: доаѓа крајот на ерата на бескрупулозната глобализација. Европа повеќе не може да се потпира на бесцаринска трговија со САД, а Кина нема да ја искористува американската економија без последици.
Ова е почеток на новата економска ера – онаа во која Америка е центарот, а сите останати мора да се прилагодат.
МИРОВЕН СИГНАЛ ИЛИ ПОЛИТИЧКИ МАНЕВАР: ПИСМОТО НА ЗЕЛЕНСКИ ДО ТРАМП
Најголемиот политички шок дојде со објавата дека украинскиот претседател Володимир Зеленски му испратил писмо на Трамп, потврдувајќи подготвеност за мировни преговори со Русија. Ова е пресврт што никој не го очекуваше.
- „Никој не сака мир повеќе од Украинците“, пишува Зеленски, додавајќи дека Киев е подготвен веднаш да потпише договор за минерали и безбедност со САД.
Кремљ го оцени овој чекор како позитивен, но со јасна резерва. Песков потсети дека Зеленски сè уште законски не смее да преговара со Русија. Дали ова е очаен обид на Киев да избегне потполен пораз, или сигнал дека Западот повеќе нема волја да ја финансира оваа војна?
ШТО ЗНАЧИ ОВА ЗА БАЛКАНОТ?
Со оглед на новите ветрови од Вашингтон, балканските држави, вклучително и Македонија, мора внимателно да ја следат новата стратегија на Трамп.
Ако Европа е на удар на новите економски политики, а НАТО е во можен колапс доколку Русија и САД се договорат за Украина, тогаш иднината на регионот е сè освен предвидлива.
- Ќе остане ли Македонија во орбитата на Брисел, или ќе бара посилна врска со Вашингтон?
- Дали српската неутралност ќе стане клучен адут во новата глобална ребалансна политика?
- Како ќе реагираат ЕУ бирократите ако Балканот почне да се дистанцира од нивната диктатура?
Јасно е дека ова не е обичен пресврт. Ова е нова страница во светската историја.
САМИТОТ ВО ВАШИНГТОН: КЛУЧНИОТ МОМЕНТ ЗА ИДНИНАТА
Франција, Британија и Украина веќе се подготвуваат за средба со Трамп во Вашингтон.
Ова може да биде историски момент – каде што ќе се одлучи не само иднината на Украина, туку и на целокупната безбедносна архитектура на Европа.
Трамп е јасен – време е Америка да се врати на лидерската позиција. Но, прашањето е: дали остатокот од светот е подготвен за тоа?
автор Слободан Томиќ
