Денеска во Охрид пристигнаа четворицата вело херои од „ВЕРА ТУР 2022“.
Попладнево околу 18 часот, во Охрид пристигнаа четворицата вело херои : Александар Стојков, Лазо Миновски, Владимир Секулоски и Кирил Марковски кои, изминативе 15 дена, низ 6 екс ЈУ земји и низ Албанија, ја реализираа велосипедската тура „ВЕРА ТУР 2022“. Велат дека со посебно задоволство возеле покрај брегот на Охридското езеро од албанска и македонска страна, уживале во неповторливиот амбиент и во колоритното заоѓање на денот. Сметаат дека Охрид е идеален за велосипедизам и дека градот може многу повеќе да направи за ширење на мрежата на велосипедски патеки, додаваат дека велосипедското поврзување на Охрид и Струга силно ќе ги подигне двата крајезерски града на вело туристичките мапи и ќе привлече многу повеќе туристи.
Вечерва, вело хероите од „Вера Тур 2022“, ќе преноќат во Охрид, ќе се одморат од денешната претпоследната фаза од Тирана до Охрид. Утре, рано наутро, ќе продолжат за Скопје каде и официјално, на пригодна церемонија ќе биде означено завршувањето на првата велосипедската турнеја „ВЕРА ТУР 2022.
Инаку, оваа вело тура отпочна на 21 март од Св.Николе, се возеше низ Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Албанија пришто, за 15 дена или 15 етапи, најчесто по ладно време, велосипедистите во првата велосипедската турнеја од ваков вид „ВЕРА ТУР 2022“, успешно извозаа околу 2500 километри. За цело време, велосипедистите имаа стручна придружба од Игор Стојков и д-р Јордан Бабуновски, од екипа на МРТВ но и од бајкери од земјите низ кои поминувале.
Организатор на турата е Александар Стојков, успешен деловен човек од Македонија, кој, вело турата ја организира во знак на почит и чест кон неговата мајка Вера Стојкова која на 05 април, починала од Ковид но и кон сите оние што ги загубиле животите од злото Ковид-19.
Вело хероите живеат со идејата, вело турата да прерасне во голема вело трка-пандан на француската (Тур де Франс), италијанската (Џиро д’Италиа) и шпанската (Вуелта а Еспања).