Верата не забранува органодарување, напротив – го препознава како чин на љубов, највисока хуманост и милосрдие.
Во време кога стотици пациенти во земјава чекаат трансплантација на орган и нова шанса за живот, претставници на верски заедници испраќаат јасна порака: дарувањето органи не е спротивно на верата, туку висока духовна вредност.
„Нема поголем дар да го дадеш својот живот за ближниот свој. Органодарителството е чин кој што треба секогаш да го поддржуваме бидејки на тој начин помагаме да се спаси и да продолжи нечиј живот“ , вели Димче Азески свештеник од МПЦ.
Слична порака доаѓа и од Католичката црква, во време кога се губи најблискиот да се донесе одлука за органодарување е херојство, а според Исламската верска заедница тоа е продолжено добро дело.
„Нема поголема љубов од тоа човек да го даде својот живот за другите, а токму затоа донирањето органи се смета за израз на љубов или херојско дело.“ , вели Оливер Тантушев свештеник од Католичката црква.
„Во исламот, ова се гледа како садака џарије – продолжено добро дело. Аллах во Куранот вели: ‘Кој ќе спаси еден живот, како да го спасил целото човештво.“ , вели Адем Муртиши муфтија.
Во општество во кое сè уште постојат дилеми и стравови, гласот на верата е јасен да се помогне на човек во тешка здравствена состојба е духовно исправно и морално возвишено дело.
Новинар Соња Рилковска
