Денеска во Вевчани торжествено беше дочекана иконата на нашиот сеправославен и македонски нов Светител, Светиот Спасе Вевчански заедно со неговата сестра Светата Спаса Вишенска. Иконите пристигнаа утрото пред Светата литургија која беше отслужена во нивна чест. Иконите ги донесоа и со литургијата началствуваа парохискиот свештеник во Вевчани Отец Ромео Петрески и Свештеникот од храм Св. Ѓорѓија од Струга, Отец Христијан Костоски. Иконите беа пречекани со биење на камбаните, со посипување цвеќе од рацете на Вевчански девојки, со благопријатен мирис на темјан, а најрадосно беше што Светителите беа пречекани од многубројни верници од Вевчани и од околинава.
– Голема е радоста денеска што го дочекавме овој голем светол и историски чин, се радувам на Вашите солзи радосници со кои се поклонувате пред Светава икона на нашиов Свети Спасе Вевчански и на Света Спаса Вишенска. Вакви моменти еднаш во животот човек може да ги доживее ако има среќа и затоа, Радувајте се! Денеска со нас овдека се и нашите Вевчански полуматурани, им ја честитам полуматурата и им давам Благослов за идно успешно школување и секој со својот дар од Бога да си продолжи до магистратури, докторати до свои семејства за радост на своите фамилии и за полза на Светата татковина – изјави на проповедта нашиот парохиски свештеник Отец Ромео Петрески.
После Светата литургија за сите верници во дворот на црквата беше организирана закуска, дар од сите Вевчански угостителски објекти.






