Со свечено отворање на 27 јуни во 20 часот во ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани ќе започне Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, која годинава ќе трае до 6 јули.
На колонијата ќе учествуваат уметници од Македонија, Србија, Романија, Полска и Украина, потврдувајќи го меѓународниот карактер на оваа културна манифестација, која од 2009 година претставува значаен простор за уметничко творештво, културна размена и соработка.
„Вевчани повторно ќе биде место на уметничко творештво, средби, културна размена и инспирација.“
Свеченото отворање ќе биде збогатено со концерт на музичкиот состав Љубојна, препознатлив по автентичниот музички израз и современото читање на традицијата. Настап ќе има и музичкото дуо Мицевски и Пејчиноски.
Организаторите годинава посебен акцент ставаат и на младите таленти преку проектот за млади сликари, реализиран во рамки на платформата на Шпаркасе Банка.
„Младите уметници добиваат можност да бидат дел од колонијата и да работат во непосредна комуникација со афирмирани автори.“
Во рамки на програмата ќе се одржи и четвртата Детска ликовна школа под менторство на проф. Марјана Костојчиноска Узунчева, со цел поттикнување на креативноста кај најмладите.
Во текот на колонијата, уметниците ќе создаваат дела инспирирани од природата, архитектурата и културното наследство на Вевчани.
„‘Вевчански видувања’ продолжува да ја негува својата основна мисија – создавање уметнички дела, поддршка на младите таленти и градење трајни врски меѓу уметниците и заедницата.“
Организаторите ги покануваат љубителите на уметноста и граѓаните да присуствуваат на свеченото отворање и да бидат дел од културен настан што традиционално го претвора Вевчани во центар на уметноста.
