Целосно е асфалтиран и уреден дел од паркинг-просторите и сообраќајниците во кругот на ЈЗУ Општа болница Охрид, како резултат на соработката меѓу болницата и Општина Охрид.
Со асфалт се опфатени двата надворешни паркинг-простора пред главниот влез на болницата, просторот пред Институтот за јавно здравје и Одделението за инфектологија, како и паркингот кај споредниот влез, во близина на старата зграда за ТБЦ.
Асфалтиран е и внатрешниот паркинг-простор во болничкиот комплекс, како и улицата што води кон економската зграда. Дополнително, санирани се и ударните дупки на главната сообраќајница што минува низ кругот на болницата.
Од охридската Општа болница посочуваат дека со реализацијата на зафатот значително се подобрува изгледот и функционалноста на болничкиот комплекс.
Во следниот период е предвидено дополнително уредување и маркирање на паркинг-просторите, како надворешните, така и оние во кругот на болницата, со што, како што информираат од болницата, треба да се придонесе кон решавање на долгогодишниот проблем со паркирањето.
Од раководството на ЈЗУ Општа болница Охрид изразуваат благодарност до градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, и до општинските служби за реализацијата на зафатот.
ВИДЕО
